Српскиот амбасадор во Црна Гора, Владимир Божовиќ e прогласен за персона нон грата и e замолен да ја напушти Црна Гора, објави Вијести, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи на Црна Гора.

Според Вијести, во согласност со членовите 9 и 41 од Виенската конвенција за дипломатски привилегии и имунитет, Министерството за надворешни работи на Црна Гора денеска го прогласи амбасадорот на Република Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, за персона нон грата и побара од него да ја напушти Црна Гора.

„По долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и изјави некомпатибилни со вообичаените и прифатливи стандарди на дипломатската канцеларија, по неколку вербални и писмени предупредувања за неприфатливоста на таквото однесување, вчера амбасадорот Божовиќ нелегалното и нелегитимно Собрание на Подгорица во 1918 година го нарече „ослободување“ и „слободна волја“ на црногорскиот народ, со што куште еднаш, на најдиректен начин, ја омаловажува државата којашто му даде дипломатско гостопримство“, се вели во соопштението.

Според нив, тој го понижил и највисокото законодавно и репрезентативно тело – Парламентот на Црна Гора, кој на 29.11.2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуките на Собранието на Подгорица со кои, како што тврдат, се укина поранешниот суверенитет на Црна Гора, нејзината територија беше припоена кон Кралството Србија и насилно е детронизиран кралот Никола Петровиќ Његош.

„Министерството за надворешни работи на Црна Гора го извести Министерството за надворешни работи на Србија за ова на вообичаен начин, со белешка, а нотата ќе му биде предадена и на амбасадорот Божовиќ“, се наведува во соопштението.

извор: Makfax