Здравствените власти во Црна Гора од денеска попладне ќе воведат полициски час во градот Рожаје поради ширењето на коронавирусот.

Националното координативно тело објави дека поради епидемиолошката состојба во Рожаје, на сите жители на општината им е забрането да ги напуштат домовите од 18 часот до 5 часот наутро.

Исто така, работата на угостителските објекти е ограничена и тие ќе мора да се затворат до 17 часот.

Во земјата вчера беа потврдени 22 нови случаи на коронавирус, а моментно има 87 активни случаи на Ковид-19. Градот Рожаје се смета за жариште на заразата.

Црна Гора на 1 јуни ги отвори границите за 130 земји со помалку од 25 активни случаи на 100.000 жители.

Во тој период црногорската влада прогласи и крај на епидемијата на коронавирус на територијата на земјата откако 28 дена по ред, односно двојно повеќе од периодот на инкубација, не беше регистриран случај на зараза.

Претходно, на 24 мај, Црна Гора стана првата земја без корона во Европа, но по олабавувањето на мерките вирусот повторно се врати.

извор: Makfax