Колач со цреши 1
Потребно:
10 дг маргарин
10 дг шеќер
1/2 прашок за печиво
25 дг брашно
1/2 кг цреши
3 дг бадеми
3 жолчки
3 белки (снег)
10 лажици млеко
шеќер за посипување
Подготовка: Во добро измешаниот маргарин се додаваат малку по малку шеќер и жолчки, па се меша додека се не биде пенасто. Потоа се додаваат излупени и мелени бадеми, и просеано брашно со прашок и млеко наизменично. Белките се матат во цврст снег и лесно се вмешуваат во смесата. Смесата се става во подмачкан калап за торта, а во неа се додаваат црешите. Колачот се пече на рамномерна температура. Кога колачот ќе биде печен, се посипува со шеќер. (Наместо цреши можат да се употребат кајсии или праски.)
Колач со цреши 2
Потребно е:
6 филџанчиња шеќер
3 јајца
3 филџанчиња масло
3 филџанчиња млеко
2 ќеси ванилин шеќер
Подготовка: Се добро измешајте, па на крајот додадете 9 филџанчиња брашно и 1 прашок за печиво. Масата сипете ја во подмачкана тава, кога малку ќе се потпече колачот, посипете го со исчистените цреши, па печете до крај. (Освен цреши може да се употребат и вишни.)
Виенски колач со цреши
Потребно:
50 дг. цреши (исчистени, без семки)
5 дг шеќер
цимет
За тестото:
20 дг путер на собна температура
15 дг кравјо сирење
25 дг шеќер
27 дг црно брашно (може и обично, но со црно е подобро)
рендана кора од лимон
1 ванилин шеќер
3 жолчки
3 јајца
6 лажици павлака
1/2 прашок за печиво
Подготовка: Црешите зашеќерете ги, посипете со цимет и оставете ги да отстојат половина час. Жолчките и јајцата мешајте ги со шеќер додека не се добие пенаста маса, додадете го ванилиниот шеќер, лимоновата кора и наизменично кравјото сирење и путерот. Во добро изматената смеса додадете павлака и брашно измешано со прашок за печиво. Тестото сипете го во намрсен и набрашнет калап, иситнете ги црешите по целата површина и печете 50 минути на 175 степени.
Крем-колач со цреши
Потребно:
25 дг лиснато тесто
40 дг кравјо сирење
2,5 дл слатка павлака
1 ванилин шеќер
18 дг шеќер
4 ливчиња желатин
35 дг цреши
4 лажици желе од цреши или црни рибизли
12 дг шеќер во прав
сок од 1 портокал
Подготовка: Лиснатото тесто расукајте го во 2 четириаголника, ставете на намрсена тава, набоцкајте со виљушка и печете 10 мин. на 200 степени. Црешите исчистете ги од семките и варете ги 5 минути во 2 дл вода со 10 дг шеќер. Добро исцедете. 8 дг шеќер матете со ванилин шеќер и исцедено кравјо сирење. Желатинот натопете го во ладна вода, па исцедете го и потопете го во лажица врела вода. Од слатката павлака изматете шлаг и додадете го во желатинот. Во калап ставете еден лист тесто, премачкајте со кравјо сирење, наредете ги црешите и на крајот премачкајте со шлаг. Покријте со другиот лист тесто и оставете во фрижидер 3 часа. Изладениот колач премачкајте го со желе и на врвот нанесете глазура (шеќер во прав измешајте со сок од портокал). Сечете го готовиот колач на коцки.