Аферата со 20 исчезнати камиони со грчки цигари во меѓуграничниот простор Дојран-Дојрани, кој резултираше со паѓањето на грчкиот заменик-министер за економија Адам Регузас, се уште ја тресе Владата на нашиот јужен сосед, со обиди приказната да се пренесе и на наша територија. Тоа беше повод првите луѓе на македонската и грчката царина да седнат на заедничка маса и да се организираат во сузбивањето на шверцот на оваа високо акцизна стока. За две недели, директорите на секторите за разузнавање и истраги, ќе се сретнат на Богородица и оперативно ќе се договорат за техничко обединување во борбата против шверцот со цигари.
За таа цел, и официјално, во декември директорот на грчката царина Илија Русакис и македонскиот прв цариник Илија Илоски ќе го потпишат договорот за компјутерска размена и следење на податоци за транзитот со цигари и високоакцизна стока. За да се намали швецот со цигари, како што велат царинските извори, ќе се смени пристапот кон оваа исклучително осетлива работа, односно размената на хартиената документација (листите за увоз и извоз на стоки) ќе се замени со компјутерски трансфер на влезно-излезни податоци. Секој камион на излез од Грција, компјутерски ќе се евидентира, ќе се слика со стоката внатре (цигарите), заедно со возачот, регитарските таблички на камионот и цариникот кој го извршил увидот.
На ова велат упатени извори, и Грција и Македонија се притиснати од службите на ЕУ, кои им укажале дека без обединување не може да очекуваат посериозни ефекти во сузбивањето на шверцот со цигари. Македонија и Грција ќе бидат првите две земји во регионот кој ќе се обединат на планот на разузнавање и истраги. Грците, велат нашите извори, веќе подолго имаат проблеми со наплатата на буџетските приходи, посебно преку трендот на енормно зголемување на цените на извозни фактури, со цел да профитраат од поголем поврат на даноци (нивното ФДА, нашето ДДВ) кога камион со стока во вредност од 20.000 евра се декларира за еден милион евра и се испумпуваат пари од нивната државна каса. Аферата со “исчезнатите цигари” од марката “карелиа”, “совињон”, “асос”, кој наводно излегле од Грција и влегле во Македонија, а кои не се најдоа на нашиот, туку на грчкиот пазар била капката на прелевање за даночната евазија. Поради тоа грчката влада мораше да ретерира од едностраното раскинување на договорот за тоа Богородица и Евзони да бидат единствен премин за акцизни стоки и почнаа да пуштаат вакви камиони и на Дојран и на Меџитлија, при што неоправдано ја обвинија македонската царина за слаб капацитет на пропусност и контрола, па им се случи тутунскиот скандал. Сега самите тие се враќаат само на Богородица, со компјутерско покривање на транзитот, иако во нашата Царина тврдат дека иако е скапо, во секое време може да ги покријат на ист начин сите три гранични премини на југ, со цел да го олеснат и забрзаат протокот на стоки.


Виолета ЦВЕТКОВСКА