Викиликс објави илјадници документи за кои тврди дека детално ги откриваат хакерските алатки кои ги употребувала американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за прибирање податоци од паметни телефони, апликации, телевизори и други електронски уреди.

Во документите се опишува начинот на кој биле хакирани мобилните телефони, оперативните системи, па дури и паметните телевизори со цел шпионажа.

Станува збор за телефони со оперативниот систем на Гугл, Андорид, и ајфон на компанијата Епл, како и оперативниот систем Виндоуз на компанијата Мајкрософт и телевизорите ан Самсунг, кои ЦИА, како што се вели, ги претворала во свои алатки и скриени уреди за прислушување.

Меѓу другото, Викиликс тврди дека ЦИА во соработка со сојузничките разузнавачки агенции успеала да ја заобиколи енкрипцијата на мобилните телефони и сервисите за размена на пораки, како Сигнал, ВотсАп и Телеграм.

Гугл одби да коментира, но соопшти дека ги истражува тие тврдења.

Ако се покаже дека информациите се точни, тоа ќе биде уште едно прекршување на озната строго доверливо од материјали украдени последниве години од американските разузнавачки агенции.
Американски функционери изјавија дека не знаат од каде Викиликс можел да ги прибави овие материјали.

Викиликс соопшти дека објавувањето на документите за методите на хакирање е првата во низата и дека документите се од “изолирана мрежа со висока безбедност” во централата на ЦИА. ЦИА не сакаше да ги коментира овие наводи.

-Ние не ја коментираме автентичноста или содржината на наводните разузнавачки документи, рече портпаролот Џонатан Лиу.

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж изјави дека документите покажуваат дека постои ризик од ширење на кибер-оружје, додавајќи дека неговата организација повлекла некои информации додека да се постигне консензус за “техничката и политичката природа на програмата на ЦИА”.

Неколкумина консултанти за кибер-безбедност изјавија дека документите кои датираат од периодот 2013-2016 година делуваат автентично.

Американските разузнавачки агенции изјавија дека Викиликс е поврзан со руските служби за безбедност, но Асанж негира.

За време на претседателската кампања 2016 година, Викиликс објави интерна е-пошта на највисоки финкционери на Демократската партија, а американските агенции тврдат дека Москва ги хакирала нивните електронски налози за со координирана акција да му помогне на Доналд Трамп да победи на изборите.