Случајот “печатница” на поранешниот НИП “Нова Македонија” заглави во правните лавиринти. Иако се очекуваше словенечката фирма “Цетис” од Велење, која единствена достави понуда по третиот тендер за продажба на најстарата печатница во државава, веднаш да ги уплати понудените 2,6 милиони евра и да стане нејзин сопственик, таа не може да го направи тоа, бидејќи македонската држава се уште не и го доставила договорот. Причина за ова е фактот што јавното правобранителство на Република Македонија, што ги застапува интересите на државата, во НИП ”Нова Македонија” во стечај, има поднесено приговор до стечајниот судски совет со кој бара да и биде компензирано за вишокот квадратни метри што произлегле од најновиот премер на Печатницата. Имено, според последното премерување на објектите на НИП-от извршено во 1996 година, тогашното раководство на “Нова Македонија” пријавило дека Печатницата има површина од 12.000 квадрати. Оваа квадратура, како што вели Драги Јовановски, претставник на поранешните вработени во Одборот на доверители на НИП-от, фигурира во официјалните документи и беше предмет на продажба. Меѓутоа, новиот премер покажа 1.900 квадрати повеќе во вредност од 400.000 евра што државата бара да и бидат исплатени од парите што ќе бидат земени од “Цетис”. Инаку, словенечкиот инвеститорот, вели Јовановски е расположен веднаш по приемот на решението да ги уплати парите. Дел од тие средства ќе бидат искористени за подмирување на хипотекарен долг кон една од машините за печатење, а остатокот ќе биде поделен на доверителите, меѓу кои најголеми се поранешните вработени. Тие од оваа продажба очекуваат да добијат околу 10 отсто од нивните поединечни побарувања. (С. Бл.)