Прволигашот Цементарница преку ФФМ испрати барање до Германскиот фудбалска федерација од која бара информација за висината на обесштетување околу трансферот на Александар Васовски од Вардар во Ајнтрахт Франкфурт. Раководството на клубот од Кисела Вода не е задоволно од информацијата на претставниците на Вардар дека вредноста на договорот изнесува 120.000 евра. Според нивните извори “црвено – црните” репрезентативниот дефанзивец го продале за 400.000 евра, поради што се чувствуваат излажани и ограбени, бидејќи тие полагаат право на 40 проценти од трансферот на Васовски. Ако се воспостави дека “цементарците” се во право, тогаш средствата што треба да се префрлат од Градскиот парк во Кисела Вода не изнесува 48.000 евра, туку 160.000 евра. Разликата во сумите е очигледана и во клубот се решени работата да ја истераат до крај, бидејќи се наоѓаат во тешка финансиска состојба и одвај составуваат крај со крај. Досега, од страна на главниот спонзор на Вардар, Брацо Вујчич на сметка на овој клуб се префрлени скромни 10.000 евра, износ што не е адекватен на сумата што Цементарница ја има вложено во создавањето на еден репрезентативец. (С.Д.)