емјава ова лето е во исчекување на датум за почеток на преговори со Европската унија. Најоптималните очекувања се дека тоа ќе се случи во јуни, можеби јули, а најдоцна до оваа есен. Дали очекувањата ќе бидат исполнети зависи од волјата на земјите-членки, од кои големо мнозинство го поддржуваат почетокот на преговорите, но сега стравувањата за евентуална кочница се префрлија од Париз во Берлин.

За разлика од минатата година, главна пречка овој пат за стартот на преговори е Германија, а не Франција, велат дипломатите во Брисел за МИА и веруваат дека Париз е подготвен да попушти за датум во јуни или јули.

На дебатата завчера во германскиот Бундестаг на кој се ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, пратениците почнаа меѓусебни препукувања во однос на датумот за почеток на преговори со Северна Македонија.

Имено германските пратеници на седницата за ратификација на Протоколот ја отворија и темата за преговорите со ЕУ, за што треба да расправаат на посебна седница. Протоколот доби зелено светло, но расправата ги извади на површина несогласувањата меѓу нив во однос на датумот за преговори.

Пратеникот од опозициските Зелени, Јирген Тритин оцени дека околу почетокот на преговорите има судир и во самата Влада. Вели канцеларката Меркел е против, германското МНР, на чие чело е Хајко Мас е „за“

ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократите од СДП, на кои им припаѓа министерот за надворешни работи Хајко Мас ја сочинуваат владината коалиција.

Пратеникот на Зелените од говорницата потсети и дека германското Министерство за надворешни работи уште на 8 мај годинава го информирало Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите со Северна Македонија.

Двајца пратеници на ЦДУ, Кристијан Шмит и Петер Бејер реплицираа на забелешките на Тритин. Шмит оцени дека ставовите на Тритин немаат „врска со реалноста“ и ја пофали улогата на Северна Македонија на Балканот, нарекувајќи ја „упориште на мирот“ и најави дека наскоро ќе се разговара за почетокот на преговорите. Бејер ги поздрави договорите со Грција и Бугарија, но критикуваше дека во земјата се потребни дополнителни напори во делот на борбата против организираниот криминал, корупцијата, правосудството и јавната администрација.

Социјалдемократот Карл-Хајнц Брунер го пофали компромисот со Грција кој, како што рече, „не треба само да се признае, туку и постојано да се фали“, и посочи дека со влезот во НАТО на „Северна Македонија не треба да ѝ се тргне морковот и за почеток на преговорите со ЕУ“.

Она што најверојатно може да се очекува засега е јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули, со што воедно и ќе се притисне германскиот Парламент да донесе одлука до 23-ти јули кога треба да се одржи следниот министерски совет, овој пат под финско претседателство.

Во нацрт-заклучоците од претстојниот Совет на ЕУ, до кои дојде МИА, има признание дека земјава ги исполнила условите за почеток на преговори, но сепак не стои датум за преговори со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие нацрт-заклучоци, кои треба сѐ уште да бидат разгледувани и на експертско, амбасадорско и потоа министерско ниво, не се конечни.

Властите во земјава сметаат дека се на вистинскиот пат, што го трасираше Унијата во насока на демократизација и реформирање на земјата, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија, кој беше оценет како најчист досега. Тие со порака до Унијата да ги вреднува досегашните реформи, решавањето на билатералните прашања, но и дека од интегрирањето на земјава во Унијата, корист ќе има и таа. Датумот ќе значи и охрабрување и поттик реформите да продолжат.

Премиерот Зоран Заев најави уште една средба со германската канцеларка Ангела Меркел, за што веќе има потврден термин. Не прецизираше кога и каде би се одржала средбата.

Нагласи дека регионални аспекти се причината за калкулирањето со датумот и напомена дека по 15 години чекање треба да се отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Посочи дека за нас се важни одлуките и информациите на Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) кој има состанок од 18 до 21 јуни, а потоа и на крајот на јули. -Европскиот совет е тој што ја носи конечната одлука. Прво се наговестува преку ГАК. Да не ги пропуштиме овие термини, рече Заев.

Тој веќе најави дека ќе го врати мандатот доколку не добиеме датум, а од тоа зависи дали ќе има избор на нова влада или само реконструкција.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера од ГЛОБСЕК форумот во Братислава порача дека НАТО го одржа зборот кон Северна Македонија, сега е на ред Европската унија, а шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Политико Европа вели дека неговата задача во овој поглед е да стави на знаење на Франција дека ќе биде тешко да биде видена како земја која се амбицира да ја води Европа, а  истовремено ги пропушта можностите за успех во Европа.

-Успеавме да ги ставиме земјите членки во фокусот и да создадеме атмосфера каде ќе биде речиси срамно да му се каже не на македонското досие оваа година, затоа што одбивањето ја загрозува сериозноста на ЕУ кон регионот, кој е географски во Европа и опкружен со земји членки на ЕУ, така што во прашање сега е кредибилитетот на ЕУ, вели Димитров.

А САД постојано со поддршка за евроинтегративните процеси на земјата. Храбрите чекори на Северна Македонија заслужија да бидат наградени веднаш, порачале помошник државниот секретар на САД, Филип Рикер и сенаторот Рон Џонсон на средбата со Шекеринска во Братислава.