Денешниот ден е повод сопругот да и купи цвеќе на сопругата, дечињата да им направат креативна честитка на мајките, да се посетат тетките, бабите, вујните, … Ден кога секоја жена заслужува внимание.

Традиционално како и секоја година кај нас по повод празникот се купува подарок за жените. Уште од рано утрото продавниците се полни со купувачи кои го одбираат соодветниот подарок за денешниот ден, денот на жената. Мажите уште еднаш покажаа дека остануваат верни на традицијата – убав цвет за да го направат овој ден посебен.

Додека за некои 8 Март е симбол на борбата за женските права за други е добар повод за веселба и ден кога на припадничките на понежниот пол треба да им се посвети повеќе внимание…

Меѓународниот ден на жената, 8 март и годинава ќе биде одбележан со пригодна програма во Република Македонија.

Додека за некои празникот е провокација за потсетување на женските права и амбиции за напредок, за други добар повод за мало внимание.

– Овој ден како и секоја година ќе го поминам во ресторан со жива музика, заедно со најдобрите пријателки. Јас веќе утрово од мојот дечко го добив подарокот за денот на жената, открива Мартина, која ја сретнавме на градскиот плоштад.

Денес во главниот град доминира цвеќето! На цветниот пазар на овој празник ги има сите бои и мириси.

Осми март е денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Идејата за прославување на меѓународниот ден почнува по турбулентната индустријализација и економска експанзија во почетокот на 20 век, што предизвикува протести за подобрување на условите за работа. Календарски, датумот се поврзува со првата масовна манифестација на жени – работнички одржана на 8 март 1857 година во Њујорк.

Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.

Во 1910 под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

На 8 март 1913 година жените низ Европа одржале мировни собири.

По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март, по првпат е прогласен за државен празник. Советска Русија беше прва држава која 8 март го одбележа со црвени букви на календарот во 1917 година, а неработен ден стана во 1965 година.

Денес традиционално машкиот пол купува поклон на понежниот пол и на тој начин и го честита празникот на жената.

Редакција “Вечер” им го честита осми март на сите припаднички на женскиот пол!

Б.Ловачева