Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, денес апелираше до угостителите и до граѓаните да го почитуваат протоколот со кој се дозволува примање гости во кафулињата и рестораните во услови на коронавирусот. Вицепремиерката изјави дека инспекторите се на терен и секаде каде што ќе утврдат неправилности, истите ќе бидат санкционирани.

„Би сакала да апелирам до сите угостители да ги почитуваат протоколите заради самите себе првенствено, но и заради здравјето на граѓаните и здравјето на нивните семејства и нивните деца. Важно е дека со секоја наша постапка денес, а и во наредниот период, треба да покажеме свесност и насочување кон новото живеење. Токму тие протоколи се начинот на кој што ќе треба да постапуваме и да се однесуваме во наредниот период се со цел од една страна економијата да се одржува во континуитет но од друга страна да го заштитиме здравјето на граѓаните. Инспекторите се на терен, во текот на вчерашниот ден укажуваа, едукативно делуваа кај сите угостители. Секако дека тие што нема да ги почитуваат согласно закон инспекторите ќе постапат кон поригорозни мерки“, изјави Царовска.

Таа рече дека е важно овој апел за почитување на протоколот да стигне и до граѓаните, бидејќи секој од нас е одговорен и за своето здравје, но и за здравјето на своето семејство за здравјето на нашите заедници.

„Ако ги почитуваме мерките и протоколите ќе придонесеме кон тоа да оваа успешна приказна што ја имавме како држава во справување со корона вирусот да продолжи и понатаму и со тоа да покажеме дека сме зрели да се носиме со сите предизвици“, рече Царовска.

извор: Makfax