Вработувањето може да ги извади лицата од сиромаштијата и да им овозможи достоинствен живот и целосно да ги вклучи во општеството, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска на јавната дискусија по повод Светскиот ден за борба против сиромаштија.

Taa зборуваше и за подготвката на социјалната реформа со која, како што рече, најранливите лица освен што ќе добиваат поголем надоместок ќе се активираат и на пазарот на трудот.

„Една од главните реформи е воведувањето на програмата за гарантиран минимален приход, што ќе гарантира финансиска поддршка за сите лица што живеат под линијата на сиромаштија. Со реформата овие лица ќе имаат доволен приход за да живеат на еден подостоинствен начин и да учествуваат целосно во општеството, но и ќе се работи на нивно оспособување за трајно вработување. Се бориме и против детската сиромаштија, бидејќи секое дете ни е важно. Воведуваме детски и образовен додаток, а право на овие надоместоци освен корисниците на гарантираниот минимален приход ќе имаат и домаќинствата со минимални приходи“, нагласи министерката.

Во своето обраќање Царовска рече дека годинешното мото на денот е: „Заедно со оние кои се најодалечени, за да изградиме инклузивен свет на универзално почитување за човековите права и достоинството“, и додаде дека во овој контекст Македонија веќе активно работи на репрограмирање и на редизајнирање на системот за социјална заштита.

Министерката говореше на јавна дискусија, организирана од Платформата против сиромаштија и Министерството за труд и социјална политика. Темата на дискусијата беше „Граѓаните проверуваат дали новите закони се отпорни на сиромаштија“.

 

извор: Makfax