Министерството за труд и социјална политика успешно ја имплементираше социјалната реформа, оцени министерката Мила Царовска на прес-конференција и нагласи дека 30.000 домаќинства или околу 120.000 граѓани веќе три месеци земаат социјална помош повисока во просек за 300 отсто.

„Ако претходно за основните социјални трансфери се издвојуваа околу 100 милиони денари месечно , сега кај граѓаните враќаме двојно повеќе и вкупната исплата за ГМП и детски и образовен додаток за август изнесуваше околу 200 милиони денари“, нагласи Царовска.

Таа рече дека за само три месеци, детскиот додаток им се исплаќа на 20.230 деца што е за три пати повеќе, а образовниот на 8.681 деца, што е за три и пол пати повеќе од претходно. До крајот на реформата, Царовска очекува околу 70.000 деца да примаат детски и образовен додаток, што ќе биде за 20 пати повеќе од претходно.

Министерката подвлече и дека 1.170 вработени во Центрите за социјални работи добиле историско зголемување на платите во просек за 4.363 денари по вработен, за што се обезбедени дополнителни 8 милиони денари месечно. Обезбедено е и историски највисоко покачување за 3.138 негователи и воспитувачи во градинките. Тие сега, како што истакна Царовска, земаат плата во просек за 3.000 денари повиока од претходно односно добиле покачување за 16 проценти, за што се обезбедени 13 милиони денари месечно. Дополнително зголемување од 5 проценти ги очекува и со септмвриската плата која ќе се исплати во октомври и со тоа вкупниот пораст на плати ќе биде 21 процент, рече Царовска.

Министерката говореше и за оние кои останале без стаж за пензионирање, нагласувајќи дека за нив е воведена социјалната пензија во висина од 6.000 денари и првите над 200 уплати се веќе реализирани. Таа потсети и дека минималната плата достигнала 12.507 денари и се изедначила во сите сектори, вклучително и кај одделите производство на текстил, облека и кожа, каде минималната плата претходно изнесувала околу 8. 000 денари.

„Благодарение на ова решение, 50.000 работниици од трудово интензивните индустрии добиваат плати повисоки за околу 4.000 денари месечно. Во моментот се прават последните пресметки за ново законско решение со кое платите ќе продолжат да растат“, рече Царовска.

Во однос на стечајците, министерката образложи дека со новите законски измени обесштетени се околу 11.000 стечајци, кои долго време биле оставени без никаков надоместок. Тие секој месец до нивно пензионирање ќе добиваат надометок од околу 8.200 денари со што, како што нагласи Царовска, се исправаат големи неправди наследени од претходната власт.

„Само за исплатата во јули годинава државата за оваа намена издвои приближно 1,3 милиони евра – пари директно вратени кај граѓаните. Очекувам во скоро време да имаме законски измени со коишто материјално ќе обезбедиме и уште 1.000 стечајци со што вкупната бројка ќе биде 12.000“, додаде министерката Царовска.

извор: Makfax