Во Музејот на македонската борба, вечерва (понеделник, 15 декември) гудачкиот камерен оркестар „Арко” ќе одржи хуманитарен концерт за децата со посебни потреби и аутизам „Дајте ни крилја”. Во рамките на програмата ќе бидат изведени дела од Персел, Вивалди, Хендел, Санс, Бизе, а настапот на Арко е под диригентската палка на Ерхан Шукри.

Гудачкиот камерен оркестар „Арко” е формиран во 2003 година од членови кои имаат завршено основно музичко образование, а животот ги насочил кон друга професионална ориентација. Заедничкото камерно музицирање се покажа како најсоодветна форма да ја обедини потребата на овие млади членови и понатаму да ја негуваат музиката.

Со голем ентузијазам оркестарот негува репертоар близок до увото на слушателот. Во измината деценија оркестарот одржал многубројни настапи и концерти меѓу кои и на манифестацијата „Есенски музички свечености” (2007, 2009), отворање на „Битфест” (2011), како и гостувања во Србија, Бугарија и Русија.

Ерхан Шукри е редовен професор по виолина и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”. Како надворешен член 14 години бил дел од оркестарот на МОБ.

Основач е на „Арко”, во кој поголем дел од членовите биле негови ученици.