Како што пишува хрватскиот Јутарњи лист за еден месец, од влезот на Хрватска во ЕУ, заминале 36 лекари, а лани за цела година околу 40 лекари. Во Македонија пак расте интересот за враќање на специјалистите од приватното во јавното здравство

На хрватското здравство му се заканува колапс, бидејќи за само 30 дена од Хрватска во странство заминале 36 лекари, а лани за цела година околу 40 лекари. Како што деновиве пишува хрватски Јутарњи лист, хрватските здравствени власти се загрижени и велат дека доколку овој тренд продолжи од Хрватска ќе заминат онолку лекари колку што вообичаено годишно дипломираат.

По влезот на Хрватска во Европската унија интересот на лекарите да заминат на работа во некоја од земјите-членки е огромен. Тие најмногу заминуваат во Германија, Велика Британија и во скандинавските земји.

Деновиве хрватските весници и портали се исполнети со бројни огласи во кои во земјите од ЕУ се бараат хрватски лекари. Во еден од огласите пишувало дека мала болница во близина на Салцбург бара интернисти, но исклучиво од женски пол, бидејќи треба да се потполни женската квота. Интересот за овој оглас е огромен.

Загриженоста е голема пред се поради тоа што и без заминувањето на лекарите во моментот на Хрватска и недостасуваат околу 1.200 специјалисти. Годишно околу 450 хрватски лекари заминуваат во пензија.

Статистичките податоци покажуваат дека најголемиот број специјалисти од Хрватска се постари од 55 години. Во моментов работат околу 500 лекари кои се постари од 65, некои и постари од 70 години, а хрватскиот просек на лекарите во моментов е возраст од 49 години.
За состојбите реагира и академик Давор Милачиќ, декан на Загрепскиот медицински факултет. Тој вели дека лекарите се школуваат во Хрватска, а најдобрите секогаш заминуваат од земјата. Според него тоа е голема интелектуална загуба за државата и затоа под итно треба да се стопира.

Најчесто, како што укажува Милачиќ, заминуваат млади лекари кои по дипломирањето не можеле да добијат специјализација. Но, има такви кои се дефицитарни и се најбарани во хрватското здравство. Најмногу недостасуваат хирурзи и анестезиолози.

Но, како што наведува Јутарњи лист, годишно околу десет странски лекари добиваат дозвола за работа во Хрватска. Спасот за да нема излив на лекарски мозоци во странство е на дипломираните хрватски лекари да им се овозможи веднаш да специјализираат.

И од Полска и од Србија заминуваат лекарите
Вакви појави се случувале и во другите земји од ЕУ при нивниот влез во унијата. Така Полска, која стана членка на ЕУ во 2004 година, првата година заминале 2.500 лекари, а следните години бројот се намалил на 600 лекари. Анализите покажуваат дека секој десетти лекар кој се едуцирал во Полска заминал на работа во странство.

И српските медиуми деновиве загрижувачки информираат дека голем број српски специјалисти заминуваат на работа во Германија. Германската влада веќе објавила оглас во кој бара вработување на лекари од дрги држави нудејќи притоа плата од солидни 3.000 евра.
Во Србија има околу 2.500 невработени лекари кои се веќе со подготвени куфери. Слична е состојбата и со медицинските сестри кои исто така работат во Србија на несоодветни работни места.

Татјана Радосављевиќ, директор на Лекарската комора во Србија, смета дека заминувањето на српските лекари сериозно може да го разниша нивниот здравствен систем.
– Од почетокот на годината веќе 650 лекари побарале да им се издаде сертификат за добра пракса којшто им е неопходен за вработување во странство – потенцира Радосављевиќ.
Таа укажува дека државата под итно мора нешто да стори, бидејќи 60 проценти од специјалистите се постари од 55 години, а кога тие ќе заминат во пензија, јавното здравство ќе остане без кадар.

Во Србија истовремено расте и интересот за учење германски јазик, бидејќи за да можат да работат во Германија треба да имаат солидно познавање на јазикот.

Специјалистите се враќаат од приватното во јавното здравство
Во Македонија се случуваат интересни состојби во здравствениот сектор. Македонските лекари се фокусираат на специјализации во странство што државата им ги овозможува, но расте и интерес за враќање на лекарите-специјалисти во јавното здравство. Специјалисти офталмолози, гинеколози, радиолози, педијатри, хирурзи како и оториноларинголози од приватното здравство сериозно се заинтересирани да работат во државните здравствени институции. Како што деновиве информираше министерот за здравство Никола Тодоров, поради успешноста на првиот оглас и големиот интерес за враќање на лекарите-специјалисти во јавното здравство во тек е втор оглас.

На првиот јавен оглас на Министерството за здравство пристигнале 103 апликации за превземање на специјалисти ангажирани во приватното здравство кои сакаат да работат државно, а на работа се премени 13 специјалисти. Тодоров укажа дека со овие специјалисти ќе се овозможи граѓаните да ги добиваат услугите од секундарното здравство во близина на местото на живеење.
Се враќаат специјалистите и во другите македонски градови, каде што досега околу 45 специјалисти од повеќе области од приватното здравство преминале во јавното.
– Проектот се покажа многу успешен, но потврди дека здравствената реформа функционира и дава конкретните резултати – смета Тодоров.

Во поликлиниката “Ѓорче Петров” по 5 години пауза пуштен е во употреба кабинетот за уво, нос и грло (ОРЛ). Лекарот-специјалист е примен на работа токму со преминување од приватното здравство, а тоа овозможило преку Мој термин за 35 дена креирање на 970 слободни термини за специјалноста уво, нос и грло. Истовремено ќе се намалат турканиците и времето на чекање во останатите поликлиники во Град Скопје. Од 1 септември ќе профункционира и кабинет за аудиологија во поликлиниката во Битпазар, а во поликлиниките во Ѓорче Петров, Ченто и во Драчево ќе овозможи специјалистичките кабинети по интерна медицина да работат двосменски.
Поради големиот интерес Министерството објави е втор оглас за преминување на специјалисти од приватно во јавно здравство кој ќе трае до 28 август. Интересот и за него исто така голем, а досега аплицирале 75 специјалисти.

Тодоров е задоволен што веќе нема само миграција на специјалисти од државно во приватно, туку и обратно. Тој ги охрабрува сите заинтересирани специјалисти кои се вработени во приватните здравствени установи, а кои сакаат да преминат да работат во јавните здравствени установи својот интерес да го потврдат преку електронска порака на преземанје-здравство.гов.мк
Дополнителен стимул за специјалистите од јавното здравство е листата на топ 100 лекари, која се објавува секој месец. Најдобро рангираните лекари кои оствариле најдобри резултати во работењето и пружањето на здравствени услуги на пациентите дополнително парично се наградени со по уште една плата.

Македонските лекари одат на специјализација во Германија, Италија…, но се враќаат дома
Министерството за здравство во следните 5 години ќе ги праќа македонските да специјализираат во реномираниот Клинички центар Нирнберг. Обуките траат од еден месец до една година во областите кардиохирургија, торакална, васкуларна хирургија, педијатрија, гинекологија, анестезиологија, неврохирургија, офталмологија, ортопедија, ОРЛ, неврологија, радиологија, радио-терапија, пластична и дигестивна хирургија.

Професор Гунтер Никлевски, кој во 1999 година ја почнал соработка со Клиниката за психијатрија и психотерапија во Скопје, информира дека соработката меѓу Нирнберг и Скопје трае веќе 40 години, а почнала во областите офталмологија и гастроентерологијата. Според него досега околу 50 лекари и други медицински лица се едуцирале овој Клинички центар.
Македонски лекари се подготвуваат да заминат на усовршување и во Католичкиот универзитет Свето Срце. Тој е еден реномиран италијански приватен истражувачки центар, а соработката ќе биде во интерна медицина, дигестивна ендоскопија, хирургија, педијатрија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, неврохирургија, ортопедија, офталмологија, неврологија, радиологија, нуклеарна медицина, урологија и други.

Од Лекарската комора на Македонија информираат дека од почетокот на годинава до сега потврди кои им се потребни за заминување на работа во странство извадиле 98 лекари. Лани за цела година се извадени 140, во 2011- 125, во 2010 – 80, во 2009 – 41, а во 2008 само 32.

(В.Ма.)