Европската куќа на фудбалот (УЕФА) во текот на денешниот ден ќе ја соопшти казната која ќе ја добие Фудбалската федерација на Хрватска, поради големиот инциден кој го предизвикаа хрватските хулигани во Сент Етијен за време на дуелот против селекцијата на Чешка.

Во финишот од натпреварот, неколку навивачи на Хрватска прво започнаа физичка пресметка на трибините, а потоа употребија и пиротехнички средства кои заврши на зелениот терен.

Главниот судија, Марк Клатенберг веднаш го прекина натпреварот, кој продолжи пауза од 10 минути. Големиот инциден негативно влијаеше врз репрезентативците на Хрватска кои паднаа и физички и психички, а таквата ситуација ја искористија репрезентативците на Чешка кои постигнаа израмнувачки погодок во 93 минута.

Според информации на хрватскиот весник „Јутарни”, „коцкестите” нема да бидат исфрлени од континенталниот турнир како што се појавија некои шпекулации, туку ги чека сериозна парична казна и суспензија од два натпревари без присуство на публика во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.

Срамното однесување на хрватските хулигани веднаш беше осудено од сите репрезентативци на Хрватска, а најгласна во критиките беше претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Министерството за внатрешни работи на Хрватска веднаш ги идентификува хулиганите кои го предизвикаа колемиот инцидент во Сент Етјен и сите потребни податоци веднаш беа испратени до француската полиција која експресно ги уапси хулиганите.