Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ изјавил дека режимот за испорачување на странски државјани е дефинитивно нешто за кое треба да се разговара во Европската унија (ЕУ), бидејќи се работи за правила кои дискриминираат одредени држави, пишуваат хрватските медиуми. Поврзано со Лекс Перковиќ и фактот што до крајот на оваа недела Хрватска треба на Европската комисија (ЕК) да и достави објаснување за Законот за европскиот налог за апсење, Милановиќ потенцирал дека се работи за “едно правило кое е незгодно наметнато и ги дискриминира државите”.
– Не важат истите правила за Хрватска, бидејќи за време на преговорите Хрватска, како и Словенија неколку години порано, потпиша и има построг режим од оние кои ги имаат Австрија или Франција, а се работи за екстрадиција за сопствени државјани. Сметаме дека ова треба да биде тема на разговор – рекол Милановиќ, пренесоа тамошните медиуми.

Според него за случувањата кои биле за време на војната, хрватските државјани не треба да одат надвор од земјата, без разлика која е причината за да се напушти границата. Како што пишуваат хрватските медиуми, премиерот Милановиќ нагласил дека тие се прашуваат зошто во Хрватска не бил покренат процес за Перковиќ или пак да се најде причината за тоа што се случило во 1983 година, па подоцна да се прекине поради тоа што е веќе застарен случај.
Инаку, Хрватска кон крајот на јуни годинава го донесе законот за европскиот налог за апсење, колоквијално наречен Лекс Перковиќ”, со кој примената на налогот се ограничува на злосторства извршени по 2002 година. Законот е наречен со тоа име поради сомневањето дека го штити Јосип Перковиќ, некогашен член на УДБА, а чија екстрадиција е барана од Германија.

Потпретседателот на ЕК, Вивијан Рединг, побара од хрватскиот министер за правда земјата да ги одреди точните рокови до кои ќе направи промена на овој закон за да се усогласи со европските правни норми.