Новиот селектор на хрватската фудбалска репрезентација, Славен Билиќ, се одлучи во првиот натпревар од Е-квалификациската група против Русија да настапи без стандардните првотимци, Ивица Олиќ (ЦСКА Москва), Бошко Балабан (Клуб Бриж) и Дарио Срна (Шахтјор Донецк). Главна причина зошто одличната тројка нема да настапи во Москва е нивното заминување во ноќните дискотеки и останување до раните утрински часови. Репрезентативците се одлучиле пред патувањето во Москва да излезат малку в град, но кусата прошетка ја продолжиле до 5 часот наутро кога биле видени како влегуваат во познатата загрепска дискотека “Фонтана”, каде што главен збор има српската народна музика. Откако бил известен за ноќниот излет, селекторот Билиќ, по брза постапка одлучил да не ги поведе фудбалерите на клучниот натпревар против Русија кој е на програма утревечер. Поранешниот фудбалер на сплитски Хајдук, а сега во улога на селектор, за хрватските медиуми изјави дека атмосферата во репрезентацијата е сериозно нарушена поради непромислениот гест на тројцата фудбалери. “Срна и Олиќ сигурно ќе играа од првата минута против Русија. Балабан ќе беше на клупата за резерви. Овој нивен потег влијае негативно врз атмосферата во репрезентацијата”, изјави селекторот Билиќ. Билиќ исто така додаде дека нема да повикува нови фудбалери и дека против Русија ќе се противстави со напаѓачи кои останаа во составот, Едуардо Да Силва (Динамо Загреб), Иван Класниќ (Вердер Бремен) и Младен Петриќ (Грасхоперс).