За лекување на 110 деца болни од цистична фиброза и за 100 лица со низок раст државата ќе го зголеми буџетот на годишно ниво за 15 милиони денари. Со тоа ќе биде обезбедено доволно количество од хормонот за раст. Ова вчера го изјави министерот за здравство, Бујар Османи, при посетата на Универзитетската клиника за детски болести, каде што се сретна со раководството и со претставници на здруженијата за цистична фиброза и на лица со низок раст. Дел од оваа средба беше и в.д. директорката на Фондот за здравствено осигурување, Виолета Петровска, која најави проширувањето на позитивната листа на лекови со сирупот урсофалк”, наменет за лекување на цистична фиброза.
– Проблемите со кои се соочуваат овие пациенти со тешки заболувања во иднина заеднички ќе ги решаваме, ресорното министерството и Фондот, вели Османи.

Според Снежана Бојчин, претседател на Здружението на болни од цистична фиброза, досегашниот третман на болните лица бил несоодветен, особено медикаментозното покривање на терапијата.
– Ставањето на урсофалкот” на позитивната листа на лекови и финансиското заокружување на инхалациската терапија од страна на Фондот и Клиниката за детски болести ќе значи едно големо приближување на третманот на овие болни кон европските стандарди, смета Бојчин. (В.Ма.)