Осомничен холандски џихадист кој патувал во Сирија заврши пред суд откако позирал до обезглавено тело и фотографијата ја објавил на Фејсбук. Џихадистот, кој сега е повторно во Холандија, беше уапсен во јули откако се борел и регрутирал за терористичката Исламска држава.

Џихадистот Усама А. (23) потекнува од Утрехт и може да биде прогласен за виновен за воени злосторства, тврдат холандските медиуми. Тој веќе е осуден на шест години затвор во Турција за членство во терористичка организација, но бил ослободен додека чекал жалба, пренесува „Алгемин дагблад“.

Против него во Холандија се води процес заедно со уште еден осомничен џихадист, 24-годишната Реда Н., Сириец од холандскиот град Лејден. Двајцата се вратиле во Холандија на почетокот на летото по што биле уапсени.

Многу е невообичаено некој да биде суден и осуден за исто злосторство два пати, па сепак холандските адвокати тврдат дека тој сè уште не е обвинет за регрутирање други лица и за  воени злосторства во врска со фотографијата на обезглавувањето.

„Покрај тоа, тужбата во Турција сé уште не е завршена, па можеме да го судиме”, изјави портпаролката на Обвинителството за „Алгемин дагблад“.

Но, адвокатот на двајцата осомничени џихадисти, Јашар Ездемир, вели дека холандското обвинение е непотребно и можеби е политички мотивирано.

„Случајот сè уште трае во Турција. Ако бидат осудени таму, тие треба да ја отслужат преостанатата казна во Холандија”, рече тој.

Минатата година една Холанѓанка која патувала во Сирија и Ирак за да го издржува своето семејство додека нејзиниот сопруг се борел со Исламска држава беше осудена за поддршка на тероризмот. Лора Хансен (22) беше осудена на две години затвор по патувањето на терористичката територија во септември 2015 година, пред да им се предаде на курдските сили во 2016 година.

извор: Makfax