Познатата словенечка корпорација “Хит Горица”, сопственик на синџир од хотели и казина во Словенија, и официјално стана газда на хотелскиот комплекс “Мрдаја” во Дојран. Според бизнис-информации, за сума од околу три милиони евра Словенците го купиле овој некогаш атрактивен хотелски комплекс и најавуваат заживување на туристичкиот бизнис на југот од Македонија, каде што веќе го разработија казиното.
Словенечката компанија “Хит Горица” не е непозната за македонските деловни кругови, и веќе од поодамна ( веќе десетина години) ги демнат “надежните” хотели во Македонија, кои се блиски со нивната основна дејност. Имено, во самиот старт на приватизација “Хит Горица” беше еден од посериозните кандидати за купување на скопскиот хотел “Континентал” и казиното кое работеше во неговиот состав, но во битката со локалните и странски ривали се повлекоа од таа идеја.
Но, словенечките хотелиер и “цареви на казината”, велат во бизнис круговите не остануваат само на дојранскиот локалитет, а уште помалку се повлекуваат од главниот град. Тие, според истите извори, се инвеститорите кои влегоа и во комплексот Олимписко село во подножјето на Водно, односно го купиле од актуелниот сопственик Мане Јаковлевски. Дали и таму ќе се продолжи со хотелиерската дејност и отворање нови казина се уште децидно не се знае, но една од развиените или резервни варијанти е, велат упатените, и можна станбена изградба во овој најатрактивен дел од главниот град на Републиката.


Виолета ЦВЕТКОВСКА