Хисни Шаќири вчера го известил претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, дека ќе поднесе оставка на функцијата потпретседател на законодавниот дом. Оставката на Шаќири, најверојатно, ќе се најде на дневен ред на 24 јануари, за кога е закажана седница во Собранието. Јордановски, кој не сакаше да ги коментира причините за личната одлука на потпретседателот, рече дека е задоволен од соработката со потпретседателот. На средбата, Шаќири го известил дека ќе остане пратеник во рамките на ДУИ и дека ќе ги поддржува сите владини одлуки и законски решенија на владејачката коалиција. Оставката од сите државни и партиски функции на Шаќири, кој е член и на Централното претседателство на партијата, завчеравечер не беше прифатена од ДУИ. Тој во Партијата не поднел писмена оставка, туку само усно ги известил за својата намера Али Ахмети и Рафиз Алити. Дознаваме дека се решил на таков чекор бидејќи е незадоволен од развојот на политичките настани во Македонија, запирањето на процесот на правичната застапеност на Албанците во државната администрација, но и од третманот на ДУИ на состојбите во Кумановско-липковскиот регион, што е негова изборна единица. Наводно, поради постојаните партиски “сопки”, тој не можел соодветно да ја извршува својата пратеничка функција и на граѓаните да им го исполни тоа што им го ветил. Шаќири најавил дека, ако раководството на ДУИ не ја прифаќа неговата оставка, тогаш тој в среда ќе ја достави во Собранието на Македонија, при што ќе ги образложи и причините. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Рафиз Алити, вчера изјави дека не му ја прифатиле оставката на Шаќири, бидејќи не присуствувал на Централното претседателство. Тој не сакаше да ни открие за што се разговарало на вчерашниот неколкучасовен состанок на пратеничката група во канцеларијата на Шаќири. Наводно, разговарале само за тоа дека тој треба своите забелешки да ги дава единствено во Централното претседателство, кое и го назначило за потпретседател. Проблемите, што довеле до оставка, не биле на дневен ред?! (Д. Д.)