Новиот шпански Ф-1 херој, Фернандо Алонсо од тимот на Рено, вчера на патеката “Енцо и Дино Ферари” во Имола, ја забележа својата трета победа во низа и ја зацврсти својата лидерска позиција во генералниот пласман. На стартот на 4. трка сезонава, се чинеше дека Кими Раиконен ќе биде најсериозниот кандидат за победата откако супериорно стартуваше од пол-позицијата, но по само 8 извозени кругови мораше да ја напушти трката поради проблемите со машината. Алонсо, во тој момент се пресели на првата позиција, која не ја испушти до крајот, со уште едно супериорно возење. Разочарувачки настап имаше неговиот колега Џанкарло Физикела, кој, исто како и Рубенс Баричело од Ферари, не успеа да ја заврши трката. По оваа трка, слободно може да се рече дека седумкратниот светски шампион, Михаел Шумахер од Ферари, се враќа во својата форма и во битката за титулата, бидејќи извозе фантастична трка. Тој стартуваше дури од 13. место, но во својот добро познат стил, место по место, успеа да стаса до втората позиција, до која дојде по големиот притисок врз Џенсон Батон, на 25 круга пред крајот. Полни 20 круга, Шумахер и Алонсо водеа “епска” битка за првото место, во трка каква што не сме гледале со години, но младиот Шпанец, сепак, успеа да го издржи невидениот притисок и заслужено да постигне хет-трик сезонава. Наредната трка ќе се вози на 8. мај за Големата Награда на Шпанија.
РЕЗУЛТАТИ:
Алонсо (Рено) 1:27:41,921 (305,547 км/ч), М. Шумахер (Ферари) +0215, Батон (БАР) +10,4 секунди, Вурц (Мекларен) +27,5, Сато (БАР) +34,7, Вилнев (Заубер) +64,4, Трули (Тојота) +70,2, Р. Шумахер (Тојота) +70,8, Хајдфелд (Вилијамс) +71,2, Вебер (Вилијамс) +83,2…
ГЕНЕРАЛЕН ПЛАСМАН
ВОЗАЧИ: Алонсо 36, Трули 18, Физикела, М. и Р. Шумахер по 10, Култхард 9, Монтоја и Баричело по 8, Вебер и Раиконен по 7, Батон и Хајфелд по 6, Вурц 5, Де ла Роса и Сато по 4, Вилнев и Клин по 3, Маса 2.
КОНСТРУКТОРИ: Рено 49, Тојота 28, Мекларен 24, Ферари 18, Вилијамс и БАР по 13, Ред Бул 12, Џордан 6, Заубер 5.