Хелсиншкиот комитет го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

„Со 69 гласови за, еден воздржан и без ниту еден глас против, Собранието на Република Северна Македонија го изгласа законот кој првично беше донесен во мај 2019 година, но заради неисполнет собраниски кворум, беше укинат од страна на Уставниот суд во јуни 2020“, појаснуваат од комитетот.

Од таму додаваат дека ова законско решение треба да понуди подобра превенција и заштита од дискриминација, да гарантира транспарентен избор на стручна, професионална и независна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, да го подобри административното работење на Комисијата со воведување на стручна служба на Комисијата, да ја скрати и направи поефикасна постапката за заштита од дискриминација пред Комисијата и да го олесни пристапот до судска правда во случаи на дискриминација.

„Следен чекор, кој е неопходно што побрзо да се случи е отпочнување на процесот за формирање на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираме Собранието на Република после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата“, порачуваат од Хелсиншки.

извор: Makfax