Хезболах прошверцувал експлозиви, вклучително и амониум нитрат во Европа, кадешто има мрежа од складишта, обелодени во четвртокот вечерта висок службеник на американскиот Стејт департмент, пренесува „Нејшнел“.

Складиштата, отворени низ цела Европа од 2012 година, содржат амониум нитрат – истата хемикалија што ја предизвика уништувачката експлозија на 4 август во Бејрут, во која загинаа најмалку 190, а беа ранети повеќе од 6.500.

„Денес американската влада открива нови информации за присуството на Хезболах во Европа“, рече Нејтан Сејлс, координатор за борба против тероризмот во американскиот Стејт департмент.

„Од 2012 година, Хезболах складира залихи од амониум нитрат низ цела Европа транспортирајќи комплети за прва помош што ја содржат оваа супстанца. Денес можам да обелоденам дека ваквите товари се префрлени преку Белгија во Франција, Грција, Италија, Шпанија и во Швајцарија“.

Амониум нитратот најчесто се користи во индустријата и во земјоделството како ѓубриво и послаб експлозив. Но, во големи количини, како што беше случај со експлозијата во пристаништето во Бејрут, тој може да предизвика пустош- 2.750 тони амониум нитрат ја предизвикаа, како што се верува, најсилната ненуклеарна експлозија во светот.

„Можам да посочам и дека се откриени или уништени значителни количества амониум нитрат во Франција, Грција и во Италија. Имаме причини да веруваме дека оваа активност е сè уште во тек. Од 2018 година, сè уште постои сомнеж дека се чува амониум нитрат низ цела Европа, веројатно во Грција, Италија и во Шпанија “, рече Сејлс.

Американскиот висок службеник не откри како се добиени информациите, но се чинеше уверен дека Хезболах го чува овој материјал низ цела Европа, па дури и Велика Британија.

„Ние знаеме дека Хезболах има складирано огромни количини амониум нитрат низ цела Европа. САД повикаа на целосна, отворена и транспарентна и темелна истрага за експлозијата во Бејрут и се надеваме дека наскоро ќе ги видиме резултатите од тоа “, рече тој.

Сејлс рече дека Хезболах ја чува супстанцијата за некој иден терористички напад.

„Го складираат ова оружје за да можат да извршат големи терористички напади секогаш кога нивните господари во Техеран сметаат дека е потребно. Тое не е нешто што би го очекувале од политичка организација, туку од терористичка организација “, рече тој.

Американската влада ги повика европските влади да стават крај на правењето разлика меѓу политичкото и военото крило на Хезболах и да ја означат целата организација како терористичка група. Велика Британија, Германија, Холандија и Литванија веќе го сторија тоа, додека ЕУ и Франција сè уште прават разлика меѓу двете крила.

„Продолжуваме да го сметаме Хезболах за закана, не само за САД, туку и за нашите европски сојузници. И затоа го обновуваме нашиот повик за повеќе земји да ја означат групата како целина и ЕУ да го прошири своето означување од 2013 година и на т.н. воено крило за да стигне до целата организација “, рече Сејлс.

Сејлс посочи дека експлозијата на 4 август во Бејрут е ужасен и жив потсетник за тоа колку може да биде смртоносен амониум нитратот. Тој ја повика либанската влада да спроведе непристрасна и транспарентна истрага за експлозијата во пристаништето.

Хезболан, либанските власти и европски влади не ги коментираа американските наводи.

извор: Makfax