ХАРД-БОП САКСОФОН
Можеби најзначајниот инструмент во стилот хард-боп е саксофонот, со тоа што тенорот има повисок пласман од алтото. Уште еден значаен фактор за овој стил е иновацијата на лонг-плејката која овозможила и над 20 минути музика на едната страна на плочата. Како што објаснив порано, стилот хард-боп е продолжение на би-бопот со тоа што главните теми се поедноставени и најчесто имаат блуз елементи. Сето ова, земено предвид, резултатот што произлегува е многу повеќе релаксиран од музичката гимнастика на би-бопот и опфаќа повеќе простор да се искаже. Специфично во албумите на куќата “Престиж” ова резултира во неформални збирови на врвни имиња кои ги пробуваат своите музички снаги на тема на блузот или пак џез стандард кој е најчесто балада. Во оваа епизода ќе доминира материјалот снимен за “Престиж” рекордс, кој придонесе за популаризацијата на хард-бопот на свој уникатен начин. Како за почеток, младиот Фил Вудс во албумот “Перинг Оф” ќе го сретнеме со неговиот колега Џин Квил исто така на алто-саксофон во конфигурација која потсеќа на неговиот успешен октет. Во овие почетни денови, Вудс беше познат како новиот Чарли Паркер најмногу поради неговата непресушна енергија и позитивен тон кој е се уште препознатливиот елемент во неговата музика до ден-денес. Еден од најпрепознатливите и сигурно најуспешните саксофонисти кои снимаа за “Престиж” е секако Џин Амонс, синот на легендарниот буги-вуги пијанист Алберт Амонс. Формулата за неговиот успех е пред се неговото чувство за “грув” и силните елементи на ритам и блуз, и тоа што конечно резултираше во “соул”. Тој поседува огромен и впечатлив тон на тенор-саксофонот и би рекол дека е најрепрезентативен пример на видот на хард-боп кој произлезе од издавачката куќа “Престиж”. “Престиж” претежно ги презентираше своите музичари во поголем збир каде што секој имаше простор
да се искаже до крај, што резултираше во 15 и 20-минутни изведби. Оваа рутина не важеше за еден од најсериозните артисти во овој период на 50-тите. Сони Ролинс кој е инспириран пред се од Колман Хокинс беше и самиот инспирација за младиот Џон Колтрејн. Албумот “Саксофон Колосус” ќе презентира тематска обработка во хард-боп стилот својствена за Сони Ролинс и никој друг. Магијата на неговите изведби е во неговата способност да ја презентира темата на самиот почеток, а потоа да ја рекомпонира по пат на импровизација, сепак, не губејќи го чувството или намерата на композиторот во целиот ток на импровизирање. Убавината на овој уникатен процес е во тоа што слушателот може да ја слушне оригиналната тема во позадина како таа воопшто да не заминала од свеста на музичарот и воедно слушателот. Сето тоа се случува на еден природен органски начин достоен за велемајстор од калибарот на Сони Ролинс. Како главен пример ќе ни служи темата “Блу Севн”. Како дополнителни примери за овој период во стилот хард-боп ќе ги искористиме албумите на Пепер Адамс, Ерик Долфи со Букер Литл, Френк Строужер, Џеки Меклин, Сони Стит, Бени Голсон со Кертис Фулер и, за на крај, Декстер Гордон. Во 31-та епизода ќе продолжиме со презентацијата на хард-бопот преку трубачите од овој период.
“Историја на џезот” се емитува секоја сабота од 14 до 16 часот со реприза во вторник во 19 часот на 100.8 Мhz.