Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, го осуди, како што навел, мешањето на Белград во кампањата пред локалните избори што ќе одржат во Косово в недела, 22 октомври.

„Владата на Косово и јас лично како премиер на Косово го осудувам актот на мешање на институциите на Србија во изборната кампања за локалните избори. Таквите постапки се во спротивност со принципите на добрососедство и ја прекршуваат суштината на нормализацијата на односите меѓу двете држави”, навел Харадинај на својот профил на Фејсбук.

Тој додал дека „косовските Срби имаат право на избор и органите на Република Косово ќе ги почитуваат претставниците кои тие ќе ги изберат, без мешање”.