Граѓаните со пониски примања од 15 илјади денари месечно, до понеделник на својата и-мејл адреса што ја доставиле до УЈП, треба да добијат ваучер за домашен туризам. Ваучерот е во вредност од 6 илјади денари, а од денеска е во употреба платформата „Дома си е дома“ на која граѓаните може да проверат дали се наоѓаат на списокот. Станува збор за 117 илјади лица, а со мерката, според министерот за економија, во туризмот ќе се слеат над 10 милиони евра.

„Ваучерот ќе мора да се искористи во една посета и ваучерите ќе можат да се искористат од 15 јули 2020 до 15.12.2020 за сместување и патување во нашата земја…“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Покрај ваучерите, од вчера преку банките е почнато и доделувањето на платежните картички за купување домашни производи за 325 илјади граѓани. До Владата веќе пристигнале 20 илјади мејлови од граѓаните меѓу кои и поплаки и приговори на студенти, средношколци и други лица кои не се нашле на листата, а кои допрва ќе се разгледуваат од генералниот секретаријат.

Вкупно двете мерки заедно се во вредност од речиси 40 милиони денари и според власта, претставуваат финансиска инјекција за домашната економија. Ангеловска најави и дека донеле одлука и за зголемување на повратот на ДДВ за домашни производи од 15 на 20%, а за странските производи намалување за 10%. Максималната сума за поврат на ДДВ останува во износ од 1.800 денари.