Неодамнешниот инцидент, кога група анархисти со ќеси полни со боја без проблеми ја гаѓаа зградата на Претседателството на БИХ во Сараево, покажа дека има големи пропусти во обезбедувањето на државните институции. Сомнежи, дека агенцијата СИПА, што ги обезбедува споменатите објекти, не функционира професионално, постоеја и порано, но сега речиси сите се уверени во тоа.
Се’ погласно се зборува дека нивните припадници не се доволно увежбани за кризни ситуации, а реакциите најчесто им биле хаотични. Од тука, за некои произлегува и логичното прашање: што би било, кога на пример, Претседателството би го нападнала некоја поорганизирана терористичка група? Загриженоста е уште поголема ако се додаде дека и единицата на МВР која ги обезбедува дипломатските претставништва во Сараево, од кои некои веќе имале закани за терористички напади, исто така не е добро пополнета и опремена. За овие сериозни безбедносни проблеми досега повеќе пати предупредил и Управниот одбор на Дирекцијата за реформи на полицијата, кој јасно укажал дека во оваа област владее целосен хаос.