Брисел се обидува да го одржи во живот Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Република Македонија. Вака познавачите ја коментираат денешната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на земјава. По пауза од две години, Европската комисија повторно на дневен ред го стави и Дијалогот. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека доаѓањето на Хан е со цел Македонија да не ги загуби интересот и надежта, и сепак, ЕУ да може да се пофали со каков таков континуитет во Пристапниот дијалог.

– Постојат изгледи да продолжи ХЛАД и тоа ќе биде добро за земјата. Меѓутоа, да не забораваме дека блокадата, уцената и ултиматумот – прво името (прекрстување), потоа членство останува, а тоа е клучот за нашето приближување кон ЕУ. Со други зборови, сето ова е само некаква утешна награда која има мало значење. Во меѓувреме, се до изборите во април, земјата ќе минува низ драматичен период кој можеби ќе продолжи и потоа, вели Никовски.

И европски дипломати брифираат дека на Унијата и е многу важен процесот на проширување и затоа Брисел се обидува во секоја прилика, и покрај сите проблеми со кои се соочува ЕУ, да даде сигнал дека овој процес не е замрзнат.

Како што информираа дипломатски извори во земјава, средбите на Хан во Скопје денеска ќе се одвиваат на неколку нивоа. Еврокомесарот ќе има состанок со Советот за евроинтеграции во Собранието, како и билатерална средба со премиерот Никола Груевски. Јоханес Хан ќе присуствува и на пленарната седница на неговата екипа од ЕУ и надлежните министри од Владата на РМ, поточно министрите од областите кои се тема на оваа рунда разговори.

Непосредно пред да тргне за Македонија, вчера еврокомесарот Хан потврди дека го продолжува дијалогот. Тој изрази задоволство што со меѓународните олеснувачи политичките партии во Македонија успеаја да постигнат краен рок за именување на специјален обвинител и носење на закон за истиот.

– Тоа е важен чекор и доказ дека европската заедница е блиску до развој на настаните во Македонија, а ние ќе ги следиме понатамошните чекори. Во секој случај, именувањето на обвинителите е важен елемент за нормализација на политичката ситуацијата во земјата и затоа ова е големо постигнување, јас сум среќен, но ова не е крај на приказната и земјата ќе ја “имаме на око” за тоа, потенцира Хан.

Дипломатите велат дека по овие средби во Скопје, се очекува следната недела дијалогот да се пресели во Брисел.

Во оваа фаза разговорите се водат во пет области: судство и владеење на правото, генерално за човековите права, за слобода на медиуми и слобода на изразување, јавна администрација и изборни реформи. Дипломатски извори не сакаат да говорат за детали, но велат дека има напредок во делот на изборните реформи, односно има имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Напредок има и во делот на слобода на медиумите. Според истите извори, се прецизираат детали и во судството и владеење на правото меѓу кои доследно почитување на компјутерската распределба на предметите по судии.

Дипломатите укажуваат дека во целиот овој процес на дијалог Македонија-ЕУ главен акцент се става на спроведување на реформите. Но, посочуваат дека важно е и како ќе се одвива политичкиот процес, односно спроведувањето на договорите од јуни и јули годинава. И директорот за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување на ЕК, Жан-Ерик Паке во едно скорешно интервју посочи дека токму договорот од 15 јули меѓу политичките партии ја отворил можноста за инклузивен ХЛАД состанок што ќе ги опфати не само владата и опозицијата, туку и граѓанското општество.

Жан-Ерик Паке потсети дека ХЛАД-от беше ставен во игра за да премости одреден јаз до отворањето на пристапните преговори со земјата и дека овој дијалог не може да ги замени преговорите и позитивната динамика што тие ќе ја донесат. Сепак, Брисел и Скопје се согласни дек во услови кога Република Македонија не може да ги започне преговорите за членство со Европската унија поради блокадите од официјална Атина, овој Дијалог е одлична алатка за евроинтеграциите на земјава да не тапкаат во место, туку најкомплицираните поглавја да се усогласуваат со директивите на Унијата уште пред официјално да почнат преговорите.

ЕУ е категорична во барањата дека Македонија треба да работи на реформите во сите области, бидејќи тоа е единствениот клуч за интеграција во европското семејство. (В.С.)