Болидите во најбрзиот циркус на денешницата, Формула 1, викендов првпат ќе возат на европско тло. Тие утре (14.00 часот) ќе се борат за Големата награда на Турција на патеката Истанбул парк”. Патеката е сместена во азискиот дел на градот и е една од ретките на која се вози обратно од стрелките на часовникот. Болидите за време на оваа трка минуваат низ осум леви и шест десни свиоци, а во некои од нив достигнуваат и брзина од 330 км/ч.

Годинава се очекува главниот збор на оваа трка да го имаат пилотите на Ред Бул и Мекларен Мерцедес. Големо внимание му се посветува на светскиот шампион, Германецот Себастија Фетел (Ред Бул), иако на последната трка во Кина победата ја однесе Британецот Луис Хамнилтон (Мекларен).
– Немам претерано голема надеж дека ќе го повторам успехот од трката во Кина. Сметам дека Фетел ќе научи многу од грешките што ги направи во Шангај. Освен тоа и останатите тимови подобро се подготвени за оваа трка, изјави Хамилтон.

Еден од оптимистите дека може да направи добар пласман во Турција е пилотот на Мерцедес, Германецот Нико Розберг.
– Имавме потежок почеток на сезоната одошто очекувавме. На минатата трка успеавме да направиме еден чекор напред, а сега се надеваме дека може да бидеме уште подобри, изјави Розберг.