Гласините дека Хазби Лика, поранешен вицепремиер и пратеник на ДУИ, заедно со дел од екс-командантите и војниците на ОНА, преминале во Алијанса за Албанците, како и објавувањето на фотографија на која се гледа братучедот на Лика заедно со екс-командантот, Берзах Бејтулаху, се делумно вистинити, пишувс ТВ21.

Телевизијата контактираше со еден од поранешните членови на ДУИ, кој рече дека веќе една година не се дел од партијата и дека разговараат со други албански политички партии со цел да ја остварат нивната национална цел. Велат дека нивниот револт го изразиле и порано и дека сите албански политички партии сакале средби, а со дел од нив веќе ги одржале. Од Алијанса за Албанците потврдуваат дека има нови членства во нивната партија, но не прецизираат конкретни имиња. На прашањето околу фотографиите кои кружат на кои се гледа братучедот на Хазби Лика и еден екс-функционер на ДУИ на маса со секретарот на АА, Арбен Таравари, одговорија:

Ние правиме алијанса со секој Албанец кој се стреми кон промена за подобар живот. Точно е дека во последно време луѓето со влијание во нашето општество кои ѝ служеа на нашата национална кауза застануваат на страната на нашата заедничка алијанса, за да дадат целосен легитимитет, за да ги застапуваат Албанците достојно наспроти секој политички предизвик за иднината на Албанците и на земјата-велат од Алијанса за Албанците.

Но, од фотографиите може да се забележи дека на 5-ти мај на Денот на паднатите борци, Хазби Лика заедно со неколкумина поранешни команданти на ОНА, оддадоа почит на гробиштата на паднатите борци заедно со актуелни функционери на ДУИ. Од незадоволната група велат дека тие нема да запрат со оддавање почит на паднатите борци. Дел од оваа група се Валмир Азири, државен секретар во Министерството за култура, Беким Мемети, претседател на Општинскиот совет во Тетово, екс-претседателот на огранокот на ДУИ во Тетово, Реси Абдирахмани  кои вршат државни функции. На 23 февруари во Тетово, поранешни војници на Бригадата 112 „Мујдин Алиу“, каде Хазби Лика беше генерален командант, излегоа и јавно ги побараа нивните права – еднаков третман за сите поранешни војници на ОНА и семејствата на паднатите борци и воените инвалиди.

Мислам дека поитно е да се преземе нешто за семејствата на паднатите борци и воените инвалиди кои останаа без никаква институционална грижа. Наша морална и воена должност е да донесеме итно решение по 19 години за овие категории. Се роди неизбежна потреба денеска да се собереме и да го преземеме првиот чекор за оваа организација, чија главна цел е градење на достоинство и доверба-вели Бурхан Амити, екс припадник на ОНА.

Иако барањата се речиси исти, сепак дел од војниците не сакаат да се вклучат во некоја политичка партија. ТВ21 контактираше со дел од учесниците на средбата, кои рекле дека досега не биле дел од некој политички субјект и дека така ќе остане и во иднина. Како што велат, нема да дозволат некој да зборува во името на поранешната Бригада 112 на ОНА и да се прават политички пазари.

Извор: ТВ21