Колку да звучи чудно кошаркарската селекција на Шпанија, четврта од ланското ЕП во Белград, во Јапонија допатува да го освои првиот медал на некое светско првенство, по осум безуспешни обиди. И го освои и тоа златото, иако во финалето против Грција играше без својот најдобар поединец, повредениот По Гасол – 70:47(18:12, 25:11, 11:11,16:13). Од самиот почеток Шпанците ја презедоа играта во свои раце, го искористија славеењето на Грците по победата над САД во полуфиналето, кога едноставно се истрошија, многу брзо се одлепија. Успехот го навестија Калдерон и Наваро со двете тројки за 6:0, а во 19. минута Шпанците стигнаа до 39:20, а на одмор заминаа со позитива од 20 кошеви (43:23). Второто полувреме не донесе ништо ново. Грците шутерски празни, без свежина во играта, едноставно им ја олеснија задачата на Шпанците да стигнат до првото злато. По Гасол кој седеше на клупата не можеше да ги сокрие солзите радосници, но и тагата што не може да биде на паркетот. Црвената фурија составена од играчи од кои боли глава, до златото стигна без ниту еден загубен натпревар што доволно зборува за вредностите на избраниците на новиот селектор Пепу Хернандез. – Тешко е да се седи на клупата, да се гледа како соиграчите везат на паркетот, а да не си дел од забавата за која долго живеевме, вели По Гасол кој како капитен го прими шампионскиот пехар и оној наменет за најкорисен играч на Мундијалот (МВП). Кошаркарската селекција на САД го освои бронзениот медал по победата над олимпискиот шампион Аргентина со 96:81 (21:27, 29:22, 19:13, 27:19). Најефикасен на мечот беше Вејд со 32, Џејмс придодаде 20 кошеви, 9 скокови и седум асистенции, а Ентони застана на бројката од 15 поени. Кај Аргентинците двоцифрен број на поени постигнаа Скола (19), Нокиони (13) и Делфино (13). Петтото место го освои Франција со триумфот над Турција од 64:56 (20:7, 15:13, 14:23, 15:13), а Литванија е седма откако славеше во дуелот со Германија – 77:62 (30:17, 17:24, 11:13, 19:8). Новото светско првенство ќе се одржи во Турција во 2010 година.