“Европската комисија остро ја критикува непосредната продажба и дава максимална поддршка на транспарентноста кога Владата продава државно земјиште и кога спроведува јавни набавки”. Ова е дел од писмото што делегацијата на Европската комисија во Македонија го испратила до Сојузот на стопански комори (приватната комора н.з.) откако таа ја тужеше извршната власт пред европските репрезенти во земјата дека прави селекција меѓу домашните и странските инвеститори, во полза на вториве, односно странците. Притоа, Трговската комора посебно се повикала на случајот со продажбата на државен имот со непосредна спогодба на словенечки “Енерготуш”.
Ерван Фуере, како што се вели во писменото обраќање на приватната комора, и дал конкретна препорака на Владата и тоа како “краткорочен приоритет” да ја подобри транспарентноста при донесувањето на одлуките од јавен карактер, како и при управувањето со државните средства, вклучувајќи го и државното земјиште, одобрувањето на концесиите и јавните набавки. Ваквата препорака ја издејствува Трговската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија која испрати писмено барање до делегацијата на ЕК, откако претходно неуспешно се жалеше кај Владата за нееднаков третман кон инвеститорите.
Откако Сојузот за стопански комори не добил навремен одговор на ваквата забелешка од Владата, таа експресно ја “тужела” Владата кај мисијата на ЕК во Македонија, и, како што велат тие, за разлика од Владата, добиле и експресен одговор со ваква содржина.
-Се надеваме дека овие забелешки Владата нема да ги игнорира, имајќи ја предвид заложбата на Владата и граѓаните за брзо пристапување на Македонија во Европската унија, изјави претседателот на Трговската комора при ССК, Владимир Тодоровиќ.


Светлана БЛАЖЕВСКА