x

Фудбалските ѕвезди кои не напуштија во 2019-тата

Деновите во очи на Новата година се обидуваме полека да ги заборавиме лошите работи од годината која изминува и со искрени желби и посакувања да влеземе во годината која ни доаѓа. Сепак, крајот на оваа година не треба да биде и крај во сеќавањата за некои вистински спортски, фудбалски легенди кои го напуштија светот во 2019 година. Во деновите кога го празнуваме доаѓањето на 2020-тата, да одвоиме малку време да се потсетиме на оние кои не напуштија во годината која измина.

Емилијано Сала (31.10.1990 – 21.01.2019)

Мистериозното исчезнување на авионот со аргентински напаѓач на патот од Нант до Кардиф го возбуди целиот фудбалски свет на стартот на 2019-тата. Операцијата за пребарување и спасување на Англискиот канал ја следеа дури и медиумите, кои никогаш не биле блиски со спортот. За жал, беше потврдена главната верзија на полицијата – авионска несреќа. Најскапиот фудбалер во историјата на Кардиф Сити (18 милиони евра) почина без да одигра минута за нов тим. Таткото на Емилијано го надживеа својот син само три месеци.

 

Гордон Бенкс (30.12.1937 – 12.02.2019)

Според резултатите од истражувањата на Меѓународната федерација за фудбалска историја и статистика, светскиот шампион со Англија од 1966 година го завзема второто место на листата на најдобрите голмани на сите времиња. Во декември 2015 година, Бенкс ја доби битката со канцерот на бубрезите, но почина во февруари 2019 година на возраст од 81 година, во сон.

 

Кутињо (11.06.1943 – 11.03.2019)

Овој Кутињо не им е познат на помладите како неговиот млад „именик“ од Баерн (М), но зад своето име Антонио Вилсон Виера попознат како Кутињо остави голем белег во историјата на фудбалот. Тој беше светскиот шампион со Бразил во 1962 година, трет стрелец во историјата на Сантос (370 голови на 457 натпревари) и еден од најдобрите соиграчи на легендарниот Пеле.

 

Хозе Антонио Рејес (01.09.1983 – 01.06.2019)

Брзината отсекогаш беше адут на шпанскиот крилен играч. Љубовта кон неа му застана на патот. Поранешниот играч на Реал Мадрид, Атлетико (М), Севиља почина во сообраќајна несреќа, откако излета со својот Мерцедес со брзина од 237 км на час. Заедно со Рејес во автомобилот беа и неговите двајца братучеди кои исто така ги загубија животите.

 

Фернандо Риксен (27.07.1976 – 18.09.2019)

Смртта на Риксен беше шок не само во неговата родна Холандија, туку и во  Шкотска, каде ги освои скоро сите можни национални трофеи. Во битката со  неизлечива болест – амиотрофична латерална склероза, фудбалерот не успеа да ја издржи жестоката битка.

 

Пим Вербек (12.03.1956 – 28.11.2019)

Поранешниот селектор на Јужна Кореја и на селекцијата на Австралија почина на 63-годишна возраст, откако ја загуби битката со ракот. Вербек ја водеше селекцијата на Австралија на СП 2010 во Ј. Африка, а претходно беше селектор на Јужна Кореја. Со него селекцијата го освои третото место на Азискиот Куп. Тој работеше заедно со селекторите Гус Хидинк и Дик Адвокат.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата