Пријателскиот натпревар в среда на Градскиот стадион (17 ч.) не е единствената активност што ги очекува најдобрите фудбалски репрезентативци на Македонија и Србија во Скопје. Избраниците на селекторите Сречко Катанец и Мирослав Ѓукиќ за време на престојот во македонската престолнина ќе им оддадат почит на големата хуманистка Мајка Тереза и на трагично загинатата поп-икона Тоше Проески, кој беше и активен одбојкар и голем пријател на спортот. Играчите со членовите на стручните штабови во вторник и в среда ќе ја посетат куќата на Мајка Тереза во Скопје, каде е поставена и изложбата на 27 портрети на Тоше Проески, во која се наоѓаат и дел од портретите од неговото присуство на фудбалските и спортските манифестации.

Македонските репрезентативци Изложбата ќе посетат во вторник меѓу 17 и 18 часот, а делегацијата на Србија, тоа ќе го стори в среда пред натпреварот, во 11 часот. Фудбалерите на Србија сакаа да го посетат спомен-домот на Тоше во Крушево, меѓутоа поради недостиг на време својата почит кон Проески ќе ја искажат во Скопје.

Кај нашиот северен сосед постои голем интерес за средбата на Градски и се најавени 1.000 навивачи, кои ќе бидат сместени на источната трибина. Билетите се веќе во продажба по цена од 200 денари за Јужна и по 50 за источната и западната трибина. ФФМ заедно со МВР веќе презедоа засилени безбедносни мерки што предвидуваат и повеќе контроли кон приодите на стадионот за да се спречи внесување пиротехнички средства и други навивачки реквизити.

Собирот на македонските репрезентативци е денеска во х. “Алексадар палас”, каде со задоцнување ќе пристигнат четворица играчи – Горан Пандев, Петар Милошевски и Игор Јанчевски поради неделните првенствени настапи и Дарко Тасевски.

Претходницата на “црвено-жолтите” е веќе во Скопје, каде покрај селекторот Катанец сограчите ќе ги пречекаат Новески, Грнчаров и Мазнов, кои порано допатуваа, бидејќи немаа обврски кон своите клубови.

Пријатна вест пристигна и од Англија, каде новото засилување на второлигашот Ипсвич, Величе Шумуликоски во саботата го имаше дебито во дресот на новиот клуб. Величе влезе како резерва во 78. минута, помогнувајќи му на Ипсич да ја сочува предноста од 2:1 за освојување на три бода на гостувањето против Шефилд Венздеј.

(Б.Т.)