Бугарската банкарска групација “Фрст инвестмент банк” деновиве стана нов сопственик на “Интернационален картичен систем”, (ИКС) односно некогашна “Национална платежна картичка”. Ова за “Вечер” вчера го изјави првиот човек на оваа институција Стефан Караѓозов. Во трансакција преку Македонската берза за 1,2 милиони евра ИКС доби нов сопственик, кој воедно е и сопственик на “Уни банка”, која досега беше сопственик на “Интернационален картичен систем”.
“Фрст инвестмент банк” е една од водечките банкарски групации со седиште во Софија, а од земјите во регионот филијала има отворено во Албанија, додека во постапка на отворање се филијалите во Србија и на Косово”, вели Караѓозов. Тој потенцира дека оваа Банка го има купено пакетот на акции односно околу 34 отсто, што “Уни банка” ги поседуваше во “Интернационален картичен систем” (ИКС). Официјално преку Берзата се откупени 2.636.067 акции на ИКС за вкупно 73,8 милиони денари или 1,2 милиони евра. “Национална платежна картичка” во 2000-та година со помош на Норвешка е формирана како државна фирма, односно процесинг центар за безготовински трансакции. Идејата на Владата беше сите банки во земјава да учествуваат во купувањето на НПК, но овој дил не се реализира и процесинг центарот беше продаден на “Уни банка”.


Весна М. БОЖИНОВСКА