Амбасадата на Франција ја најавува посетата на 4 и 5 ноември на сенаторката, Елен Конве-Муре, потпретседателка на Сенатот, која учествуваше во изготвувањето на Предлог-законот со кој се одобрува ратификувањето на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија.

Во текот на посетата, таа ќе оствари средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со потпретседателот Горан Мисовски и со пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Француската Република, како и со Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за надворешни работи и Артан Груби, претседател на собраниската Комисија за Европски прашања.

Во рамките на оваа посета, која го одразува јакнењето на француско-македонските парламентарни размени во перспектива на европскиот пат на земјата кој останува сосема актуелен, е предвидено да се одржи и конференција во Дипломатската академија на МНР, во присуство на заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски во врска со еволуцијата на европската одбрана.

Во вторник на 5 ноември, сенаторката ќе ги посети Француските воени гробишта во Скопје, како и Спомен-куќата и музеј која беше свечено отворена во мај 2018 година, за да им оддаде почит на 3000 војници кои почиваат таму, а кои загинале за Франција.

Оваа посета, којашто се реализира во рамките на француската стратегија за Западен Балкан ги реафирмира односите на доверба и пријателство помеѓу францускиот Сенат и македонското Собрание, како и кон граѓаните во целина, наведуваат од француската амбасада преку соопштение.

извор: Makfax