Французинката Леа Леви, која живее во дом за стари лица на француските Алпи, каде неодамна го прослави својот 105-ти роденден, оваа есен надминала полесната форма на коронавирусот, изјави директорот на таа институција, Стефан Ришар.

Веста беше објавена во локалниот весник „Дофине Либере“, а директорот на домот во Анси вели дека роденденот на Леа бил одбележан соодветно, во согласност со околностите и во друштво на нејзината ќерка.

На присутните им бил подарен букет цвеќе, а сите присутни носеле заштитни маски и немало служење на колачи во согласност со ограничувачките мерки.

„Морам да признаам дека малку се исплашив кога ми се слоши“, изјавила Леа за еден локален весник, додавајќи дека од неодамна е во домот во Анси.

Во овој дом, од 185 резиденти, 109 се разболеле од коронавирусот, а дури 33 починале.

извор: Makfax