Франција се подготвува за протестот на „Жолтите елеци“ кој ќе се одржи овој викенд. На улиците се поставуваат кордони, фудбалските натпревари се откажани, а како што известува „Гардијан“, утре на улиците во Париз ќе бидат поставени и оклопни возила, затоа што властите очекуваат нов бран на насилство и нереди.

Владини претставници велат дека 89.000 полицајци и членови на жандармеријата ќе бидат мобилизирани низ целата земја. Само 8.000 ќе бидат распоредени во Париз.

„Ќе се соочиме со луѓе кои не се таму за да протестираат, туку да уништат сè околу себе. Сакаме да бидеме сигурни дека ќе ги спречиме во тоа“, рече премиерот Едуар Филип во обид да го оправда ангажирањето на оклопни возила на улиците.

Фото: ЕПА

Оклопните возила може да исфрлаат солзавец и да пробиваат барикади, а „Гардијан“ додава дека ретко се користат во градски средини.

Во Париз денеска банките, продавниците и рестораните се подготвуваат и се обидуваат да го заштитат својот бизнис од утрешните напади. Банката на Франција става даски на прозорите, а Операта, според некои извештаи, ги заклучила инструментите на оркестарот во случај на кражба во зградата.

Фото: ЕПА

Париските власти ги советуваа граѓаните да не оставаат отпад на улиците, за да не биде запален како на претходните протести.

Ваквите подготовки доаѓаат по најголемите немири што Париз ги видел во последните 50 години, што се случија минатата сабота. Група демонстранти од движењето „Жолти елеци“ ограбуваа продавници, палеа возила и се судрија со полицијата.

Ајфеловата кула и музејот Лувр утре нема да работат, додека околу десет јавни места ќе бидат затворени во Бордо. Шест натпревари од првата француска лига се откажани.

Фото: ЕПА

Протестите на „Жолтите елеци“ почнаа како протест против предлог-законот за зголемување на даноците за дизел и бензин, а движењето беше именувано по жолтите елеци што ги носеа демонстрантите, кои возачите мора да ги имаат во своите автомобили.

Сепак, протестите ја надминаа нивната првична цел и станаа насочени против Владата. Демонстрантите го насочија својот гнев кон претседателот Емануел Макрон кого го обвинија дека нема контакт со реалноста. За Владата демонстрантите велат дека тоа е елита и дека нема претстава како живее остатокот од земјата.

Макрон од средата, откако го укина предлогот за нови високи даноци на горивата, е тивок во јавноста. Француските медиуми цитираа владини претставници кои рекле дека претседателот не сака дополнително да ја разгори ситуацијата со обраќање до јавноста пред утрешните протести. Се очекува тој да ѝ се обрати на нацијата на почетокот на следната недела.

извор: Makfax