Франција предлага по предупредувањето од октомври, Европската унија следниот месец да воведе санкции против Турција, но сè уште не ја има поддршката од владите на ЕУ.

Париз наведува дека турскиот претседател Таип Ердоган не ги послушал предупредувањата на лидерите на ЕУ на 1 октомври – да се повлече од спорот за истражување на гас во Медитеранот или да се соочи со последиците.

Франција не изготви детален план за санкции, но дипломатите велат дека мерките ќе влијаат на турската економија, веројатно во бродската, банкарската и енергетската сфера, пренесува „Ројтерс“.

Европскиот парламент се очекува да побара санкции денеска, осудувајќи ја посетата на Ердоган на отцепените кипарски Турци на северот на Кипар, на почетокот на овој месец.

Франција е во конфликт со Турција и во врска со конфликтот во Нагорно-Карабах. Имено, Париз ја обвини Анкара за поттикнување на кризата на Кавказот, што земјата го отфрли.

„Турција знае што треба да прави“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан на сослушувањето во парламентот во Франција оваа недела, под наслов „Соочувањето или соработката зависи од нив“.

Турското Министерство за надворешни работи ја критикуваше ЕУ за дебатата за санкции, велејќи дека таквата дискусија не е корисна.

извор: Makfax