Фондот за здравствено осигурување на Македонија вчера потпиша договор со нови 21 аптеки, аптекарски станици и подвижни аптеки на територијата на Република Македонија. За сите нови договорни партнери, утврдивме квоти кои почнуваат да важат од утре. Од новите потпишани договори, пет се подвижни аптеки, чија цел е снабдување со лекови во рурални средини, со најмалку еден здравствен работник, фармацевтски техничар.

Ова денеска го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски кој рече дека новите пет подвижни аптеки се за следниве подрачја: село Врапчиште – Гостивар (покрива 29 населени места); село Ростуше, општина Маврово (покрива 64 населени места); село Могила, општина Могила (покрива 115 населени места); општина Боговиње – Тетово (покрива 17 населени места); село Брвеница, општина Тетово (покрива 35 населени места). Бројот на население кое е опфатено со 5-те нови подвижни аптеки и бројот на граѓани кои ќе имаат олеснет пристап до лекови, изнесува 33,786 граѓани.

Вкупната годишна квота која Фондот ќе ја издвојува за овие аптеки, посочи, е 3,8 милиони денари.

– Потпишани се договори за нови 13 аптекарски станици за населените места: село Горно Оризари – Битола; село Пирава – Валандово; село Мелница, општина Чашка; село Блатец – Виница; село Градец – Виница; село Негорци – Гевгелија; село Ваташа – Кавадарци; село Тркање, општина Кочани; село Црнилиште -општина Долнени; село Црешево – општина Гази Баба; село Шишево – Скопје; Кондово – Скопје; село Милетино, општина Брвеница – Тетово. Годишната квота која Фондот ќе ја издвои за новите 13 аптекарски станици е 7,8 милиони денари, рече Стефаноски.

Потенцира дека дополнително, вкупната вредност на квотите за 46-те аптекарски станици со кои Фондот претходно потпиша договори, изнесува 31,4 милиони денари годишно, односно, за вкупниот број на досега склучени 59 договори со аптекарски станици и пет договори со подвижни аптеки, Фондот обезбедува 43 милиони денари.

– Исто така, Фондот склучи договор и со една рурална аптека, во село Обршани, општина Кривогаштани. Истовремено, склучени се и 2 нови договори со аптеки кои добиле лиценца за работа во мрежата утврдена од Министерството за здравство во Кичево и во Тетово, додаде Стефаноски.

Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека со придобивките од склучувањето договори со нови аптекарски станици во руралните средини се опфатени над 50.000 осигуреници.

– Со овој проект обезбедуваме континуирана примарна здравствена заштита на осигурениците и полесна достапност до лекови. Со претходно потпишаните 46 договори за аптекарски станици ја зголемивме достапноста на лекови поблиску до местото на живеење на преку 180 илјади граѓани, а исто така огромен број граѓани ќе можат да подигнат лекови на товар на ФЗОМ преку подвижни аптеки, посочи Рамадани.

ФЗОМ, појасни, годишно издвојува значителна сума од 2 милијарди и 450 милиони денари за лекови за граѓаните во земјава.

– Средствата се распределени на 768 аптеки кои во моментов имаат активен договор. За вкупно 67 аптеки, аптекарски станици и подвижни аптеки, придобивките од потпишувањето на овие нови договори се значајни за повеќе од 180.000 граѓани кои живеат во рурални средини, па така истите им овозможуваат на осигурениците и на граѓаните да заштедат и пари и време за набавка на неопходните лекови, додаде Рамадани.