Во текот на денешниот ден Фондот за здравствено осигурување на сметка на стоматолозите, кои имаат склучено договори со националната здравствена каса, ќе префрли 31 милион денари. Тоа е месечна сума за “покривање” на стоматолошкиот сектор кој работи со сини осигурителни картони. Стоматолошката комора на Македонија, вчера апелираше до Фондот за здравствено осигурување да се придржува до преземените обврски во однос на исплатата на средства на стоматолозите – концесионери, за како што вели, дополнително да не ги отежнува и онака лошите услови во кои функционираат овие стоматолошки ординации. Во вчерашното соопштение до јавноста, таа предупреди дека во континуитет доцни со исплатата на концесионерите, иако со потпишаните договори е предвидено таа да се врши на 60 дена”. “Со оглед на тоа што се доцни со исплатата за еден месец, Фондот ќе направи напори од први наредниот месец да се направи уште една исплата и веќе од наредниот месец исплатите да одат редовно”, објаснуваат од Фондот. Според нив, доцнењето е од технички карактер. Имено, стоматолозите доцнат со доставувањето податоци за бројот на прикрепени пациенти и извршените услуги, како и за целите што треба да ги исполнат, а кои се однесуваат на број на издадени упати, боледувања, на бројот на извршени првентивни интервенции, а за кои се добива 20 отсто од вкупната сума од националната здравствена каса. Аналогно на ова, објаснуваат од Фондот, се доцнеше и со контролите што ги прават подрачниците единици. “Не навлегувајќи во причините на што се должи ваквата состојба, сметаме дека неисплаќањето на средствата го кочи нормалното функционирање на овие стоматолошки ординации, бидејќи, меѓу другото, тие не можат навреме да ги обезбедат неопходните материјали што директно се рефлектира врз можноста пациентите да ги остваруваат своите права”, предупредува Стоматолошката комора.


Ристе НЕДАНОВСКИ