Управниот одбор на „Фолксваген“ денеска се извини за расистичката реклама објавена на Инстаграм профилот на компанијата, која се однесува на новиот модел на „голф“.

Од компанијата велат дека контроверзното видео биле објавено повеќе поради недостаток на сензибилитет за културната различност, а не поради расистички намери.

„Можеме да кажеме дека расистичките намери немаат никаква улога во објавувањето на ова видео. Откривме недостаток на сензибилитет и процедурални грешки“, рече Хилтруд Вернер, член на Управниот одбор на „Фолксваген“, надлежен за правни работи.

„Исто така, во име на одборот, сакам официјално да се извинам до луѓето кои се повредени поради недостаток на меѓукултурна чувствителност во овој случај“, додаде Вернер.

На видеото се гледа црнец кој стои покрај новиот модел на „голф“, кој е поместуван од џиновска бeла рака која во еден момент го турка во влез на зграда со натпис „Петит Колон“.

„Петит Колон“ е вистинско кафуле во Буенос Аирес, сместено во близина на театарот „Театро Колон“. На француски јазик, тоа значи „мал доселеник“ што има колонијални конотации.

„Фолксваген“ и претходно имаше слични гафови.

Во март минатата година, надзорниот одбор го осуди потегот на тогашниот извршен директор на „Фолксваген“, Херберт Дис, кој рече дека „EBIT (профитот пред камата и даноци) macht frei“.

„Arbeit macht frei“ (Работата ослободува) е натпис кој стоел над вратата на концентрациониот логор Аушвиц.

извор: Makfax