Флексибилноста и агилноста се одликите на успешните компании кои за да се прилагодат на модерното исклучително брзо темпо во бизнис светот мораат да практикуваат виртуелна организација.

Тоа е главната порака на трудот “Виртуелна организација” на асистентот на Факултетот за економски науки при Европски универзитет – РМ, Верица Неделковска кој беше објавен во Зборникот на трудови.

-Деловното опкружување денес, без сомнение, бара организации кои ќе бидат пофлексибилни, повеќе агилни и ќе ги пласираат производите и услугите на пазарот со брзо темпо.

Традиционалните форми на организација не се повеќе способни за одржување на ова немилосрдно темпо. За таа цел се нуди “виртуелната организација” како нова организациона форма за учење нови стратегии за управување во 21 век, е наведено во трудот.

Како што продолжува авторката, терминот виртуелна организација се користи да ја опише мрежата на независни фирми кои се соединуваат, најчесто привремено, за производство на одреден производ или услуга, често се поврзува со термините: виртуелна канцеларија, виртуелни тимови и виртуелно лидерство.

-Крајната цел на една виртуелна организација е да обезбеди иновативни, висококвалитетни производи или услуги во истиот момент кога се побаруваат од клиентите. Терминот виртуелна своите корени ги влече од компјутерската индустрија. Односно од фактот што компјутерите поседуваат многу поголем капацитет за складирање на податоци или виртуелна меморија. Според тоа, кога една организација ги соединува ресурсите од повеќе фирми добива далеку поголеми можности од оние што реално ги поседува. Низ историјата, традиционалните организации се карактеризирале со вертикално интегрирана работа, како што е делегираната одговорност во пирамидално хиерархиската структура. Кај оваа форма на структура, моќта е главно сконцентрирана помеѓу неколку лица на врвот, стои во трудот.

Виртуелната организација како организациона форма за првпат е развиена во САД кон крајот на 19 век со доаѓањето на масовното производство. Најистакнатиот претставник на организацоната теорија и татко на менаџментот кој ја вовел оваа организациона структура во традиционалните хиерархиски организации бил познатиот индустриски инженер, Фредерик Винслов Тејлор.