Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Сеп Блатер е категорично против реализацијата на заедничко првенство на Русија и Украина. Според зборовите на Блатер ваквиот потфат е спротивен на принципите на ФИФА.
– Создавањето на заедничко првенство на Русија и Украина е спротивно на принципите на ФИФА и ние никогаш нема да ја поддржиме таквата идеја. Клубовите треба да учествуваат во клупски натпреварувања, но само во рамките на националните првенства. Треба да ги поддржуваме националните лиги. Во Европа само УЕФА има право да организира меѓународни турнири, коментираше Блатер.

Сличен е односот на светската централа и кон Балканската лига. Пред година-два се роди идеја тимовите од полуостровот да си направат свој меѓународен клупски турнир. Идејата, сепак, наиде на отпор од централните фудбалски органи во Европа и светот.