Големите македонски компании, неочекувано за летниот период, ја разиграа Македонаката берза. Имено, деновиве на големо се купуваат државните хартии од вредност, односно обрзниците што ги емитира државата за старото девизно штедење и четирите емисии од денационализацијата. Причина за тоа се, велат банкарските и берзанските експерти, големите купувања на земјиште што е најавено од поуспешните македонски компании.
Имено, државата им дозволи на сите компании во земјата да си го откупат земјиштето кое е во државна сопственост, а на кои се лоцирани нивни објекти и погони, и најуспешните и подобростоечките веднаш го користат моментот за тоа. Така купување на земјиштето најавија големите фирми како Цементарница “Усје”, скопски “Алкалоид” , скопска “Пивара” и други. Обврзниците се една од најисплатливите законски можности за плаќање на државен имот, и подосетливите менаџери ја користат таа можност. Имено, само во текот на последните два три дена на пазарот на хартии од вредност се купени обврзници за старото девизно штедење и од денационализацијата во износ од неколку стотини илјади евра. Така, завчера беа купени 67.060 обврзници (номиналната вредност е едно евро) од последната, четврта емисија, како и 29.885 илјади обврзници за старото девизно штедење и 26.647 од третата емисија обврзници за денационализација. Само ден потоа за четвртата емисија од денационализација беа потрошени повеќе од двојно односно 143.596 евра и 34.206 од третата емисија обврзници. Со приближно исто темпо се тргуваше и вчера. Зголемениот интерес за државните хартии од вредност предизвика повторно да скокне цената на овие обврзници за неколку проценти, иако тие се уште се ценат како доста евтини. Имено, државата ги признава како легално платежно средство во однос еден спрема еден, а самите компании заштедуваат 30 до 40 отсто од цената. Цената на обврзниците за замрзнатото штедење се движи околу 75 денари, а за денационализација се движи од 63,3 до 69 денари по обврзница.
Невообичаено за овој период на тргување, кој важи за доста “мртов” на берзата се случуваат и некои други консолидации на сопственоста, односно откупи на фирми, но и внатрешно преструктурирање на банките пред “налетот” на странски инвеститори што ја држи берзата доста жешка и во овој период.


Виолета ЦВЕТКОВСКА