Владата мора да им помогне на тутунопроизводителите во земјава, со тоа што ќе обезбеди пари од Буџетот што влегуваат по основ на новововедената акциза на цигарите. Ова е заклучокот на членовите на матичната собраниска комисија за земјоделство кои, иако се на став дека тутунското производство мора да се помогне, не се согласни со предлогот производителите да добијат по 30 денари за килограм тутун како стимулација од државата. Тие побараа државата покрај помошта за надминување на состојбите при откупот на тутунот од приватните претпријатија да го задолжи Државниот инспекторат за земјоделство да врши контрола на откупните пунктови каде што се одредува квалитетот на тутунот и да достави информација за тоа како се врши откупот.
Претседателот на оваа комисија и на Земјоделската народна партија, Марјан Ѓорчев достави до членовите информација за неодржливата економска и социјална положба на тутунопроизводителите при откупот на тутунот од минатогодишната реколата. Според него, предложените мерки се со цел да се реши незадоволството на тутунарите од откупната цена која се движи од 70 до 100 денари за килограм, и со тоа ќе се деблокираат патиштата. За Марјан Ѓорчев од ЗНП тутунот и во Македонија е вреден како оној во Грција и Бугарија каде што се откупува по 4,5 и 5 евра и тутунопроизводителите треба да добијат помош од државата како во другите европски земји.
Борче Петковски од СДСМ, пак, искажа сомнеж во вистинските намери на блокадите од страна на струмичките производители. Според неговите информации, “Струмица табак” во струмичкиот и битолскиот регион нуди откупна цена од 130 денари, на што му реплицираше Илија Србиновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека во Битолско и Демирхисарско се откупува по омаловажувачки цени од 50 до 100 денари.
Од жолтото злато – како што го нарекуваат тутунот, живеат 30.000 семејства и на земјава и носи девизен прилив од 40 милиони евра. (С. Бл.)