Пазарната инспекција од денеска започнува со контроли во угостителските податоци заедно со Финансиската полиција која ќе ги легитимира гостите дали ги почитуваат протоколите за четири лица на една маса кои мора да се од едно семејство.

Ова денеска го најави директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски на прес-конференцијата на Инспекцискиот совет.

Тој рече дека досега за тоа не казнувале, бидејќи тие немаат ингеренции за легитимирање и иако заедно со угостителите поднеле барање за промена на овој член во Протоколот, Комисијата за заразни болести и натаму останала на ставот тој да продолжи да се применува. За оправданоста на легитимирањето, тие побарале мислење и од јавен обвинител.

Пауновски рече дека во изминатиот период од стапување на сила на Протоколите за работа на угостителските објекти најмногу казни има за служење гости во внатрешниот дел, недоволно обезбедени средства за дезинфекција и прекувремено работно време како и нерегистрирани објекти, односно објекти кои во време на забраната се одјавиле, а по дозволата, се вратиле да работат, но на „диво“.

Пауновски потсети дека хотелите сѐ уште немаат дозвола за работа и дека во фаза на подготовка се протоколите и за нив.

Во Законот за угостителство во член 18 и 19 е нагласено што спаѓа во угостителска дејност, а тоа се и хотелите и за нив има забрана за работа – рече Пауновски одговарајќи на новинарско прашање дека имало поплаки од хотелиери дека биле казнувани, а за нив нема забрана за работа.