Веќе на почетокот на идниот месец Јавното станбено претпријатие, како што се дознава, ќе почне со реконструкција на големата зграда на некогашното Новинско-издавачко претпријатие “Нова Македонија” во што се планира да се вложат околу 2,5 милиони евра. Овие средства ќе се искористат за одредени дотерувања на зградата, пред се на санитарните јазли и на централното затоплување кои се во очајна состојба, а итно ќе биде потребна и замена на старите дотраени лифтови.
Наши извори потврдуваат дека се планира целата работа да заврши до крајот на годинава и веќе од први јануари 2006 година да почне вселувањето. Во овој објект со површина од 13.606 квадратни метри се планира да бидат сместени Министерството за финансии, како и дирекциите на Министерството за економија. За десетина дена останува рокот до кога новиот сопственик треба да ги уплати 6,66-те милиони евра за купување на 14-катницата. Официјални извори велат дека ЈПССДП ќе го запази законскиот рок, а парите ќе станат оперативни најдоцна на почетокот на септември.
Од некогашниот НИП досега е продадена малата зграда за 2,7 милиони евра, Печатницата за 2,6 милиони евра и сега големата зграда за 6,6 милиони евра, со што имотот на НИП-от, проценет на 23 милиони евра, е продаден за околу 14 милиони евра, во кој се пресметани и продажбата на трафиките, возилата и инвентарот. Непродадени остануваат уште магацинот во Јурумлери од 1.300 квадрати и 3.000 квадратни метри земјиште за кое се води сопственички спор со државата, како и деловен простор во Гевгелија и пет-шест автомобили. Парите од овие продажби, како и средства кои се тргнати на сметка на име на резервации за наплата на тужбени побарувања и спорови, а на која сега има околу 30 милиони денари, ќе ги делат сите доверители во конечна распределба на имотот на НИП-от.


Светлана БЛАЖЕВСКА