Книгата “ФИЛМ.МКД” на Игор Анѓелков, е јубилејната, десетта книга во есеистичката едиција на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Се работи за преглед на македонскиот филм во новиот милениум низ интервјуа со режисерите на филмовите кои авторот на книгата ги направи од 2003 до 2014 година, период кога во етерот се емитуваше неговата авторска емисија, филмскиот магазин “Филмополис”.

Книгата е надополнета и со осврти и рецензии кон македонските филмови, објавувани во дневни весници и неделници со кои Анѓелков соработувал во споменатиот период.

“ФИЛМ.МКД” хронолошки ги проследува снимањата и премиерите на речиси сите македонските целовечерни македонски остварувања во овој милениум, низ луцидни интервјуа со авторите на истите, но и со пошироката филмска екипа која учествува во реализација на филмските проекти.

За целосно заокружување на впечатокот, авторот на крајот од секое поглавје посветено на одреден македонски филм ја приложува и својата рецензија за филмското дело, така збогатувајќи го впечатокот и создавајќи слика за приликите во кои се снимал и создал филмот, кој потоа станал дел од македонската филмска историја.

Книгата на Анѓелков веќе е во продажба во книжарницата ИЛИ-ИЛИ, а од следната недела ќе може да се најде и во останатите скопски книжарници.